Burak Bir
23 Март 2023•Ажурирај: 24 Март 2023
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија го бранеше праќањето муниција со осиромашен ураниум во Украина, обвинувајќи ја Русија за „намерни обиди за дезинформирање“, пишуваат британските медиуми, пренесува Анадолу.
„Британската армија со децении користи осиромашен ураниум во своите противоклопни гранати“, објавија локалните медиуми, цитирајќи соопштение од Министерството за одбрана на Велика Британија.
Министерството нагласи дека осиромашениот ураниум „е стандардна компонента и нема никаква врска со нуклеарно оружје“.
„Русија го знае тоа и намерно се обидува да дезинформира. Во независното истражување на научници од групи, како што е Кралското здружение, е проценето дека влијанието врз личното здравје и животната средина од употребата на муниција со осиромашен ураниум веројатно би било мало“, се додава.
Соопштението е објавено по наводите дека Велика Британија ќе прати муниција со осиромашен ураниум во Украина, заедно со тенковите „Челинџер 2“.
Како одговор на писменото прашање од лордот Хилтон, член на Домот на лордовите, „дали некоја муниција што моментално ѝ се доставува на Украина содржи осиромашен ураниум“, Анабел Голди потврди дека Велика Британија ќе испорачува муниција со осиромашен ураниум.
„Покрај нашето испорачување ескадрила од борбени тенкови 'Челинџер 2' за Украина, ќе обезбедиме и муниција, вклучително и противтенковски гранати што содржат осиромашен ураниум“, истакна Голди во својот писмен одговор во вторникот.
„Оваа муниција е многу ефикасна во совладувањето на современите тенкови и оклопни возила“, додава Голди.
Тоа предизвика жестоки критики од Русија, а претседателот Владимир Путин рече дека Русија „ќе одговори“ доколку Велика Британија ѝ испорача гранати со осиромашен ураниум на Украина.