ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон е на удар на критики поради забавата за време на карантинот на која присуствуваше со околу 40 вработени во „Даунинг стрит“ во мај 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам да се извинам“, рече тој пред Долниот дом на Парламентот за време на неделната сесија за пратенички прашања вчера, но опозициските партии не беа задоволни со извинувањето.
„Знам дека милиони луѓе низ земјата дадоа огромна жртва во последните 18 месеци“, рече Џонсон.
„Ја знам маката низ која поминаа, не можејќи да ги оплакуваат своите роднини, не можејќи да ги живеат своите животи како што сакаат или да ги прават работите што ги сакаат.“
Џонсон рече: „И знам дека чувствуваат бес кон мене и кон Владата која ја предводам, кога мислат дека во самата „Даунинг стрит“ правилата не се почитуваат соодветно од луѓето кои ги донесуваат правилата.“
„И ним и на Домот, од сè срце им се извинувам.“
Џонсон рече дека поводот бил „работен настан“ и дека тој не останал долго, но ова објаснување беше пречекано со жестоки повици за оставка од опозицијата.
Повикувајќи го Џонсон да даде оставка, лидерот на Лабуристите, Кир Стармер, го опиша неговото извинување како „смешно“ и „навредливо за јавноста“, додека лидерот на Шкотската национална партија во Вестминстер, Иан Блекфорд, рече дека премиерот треба да даде оставка.
Џонсон се сретна со членовите на неговата партија во Долниот дом откако доби повеќе прашања и критики од пратениците и да се осигура дека неговото извинување е доволно да ја задоволи сопствената партија во обид да ги смири нервозните пораки од Ториевците.
Лидерот на шкотските Конзервативци, Даглас Рос, вчера го повика Џонсон да даде оставка.
Зборувајќи за вестите на СиТВ, Рос рече: „Ако премиерот присуствувал на собирот, забавата, настанот во „Даунинг стрит“ на 20 мај, тогаш тој не може да продолжи како премиер.“
Локалните извештаи сугерираат дека околу 25 пратеници се обратиле до Комитетот на партијата, механизам за донесување одлуки за лидерство, за да се иницира гласање за доверба. Вакво гласање може да биде предизвикано ако бројот стигне до 54.
- Реакциите на јавноста -
„Колку што разбрав, тој станал во Парламентот и се извинил. Тоа значи дека тој прифаќа дека погрешил“, изјави за АА Рут Фрајер.
„Секако дека тој треба да даде оставка, но потоа.. дали тоа навистина ќе помогне во нешто? Да, има еден куп од нив кои подеднакво идиотски стојат во редици назад и нема да бидат подобри“, рече таа.
Демонстрант кој протестираше на место близу Парламентот, рече дека премиерот е фатен како лаже.
„Не, не, јас не знам што беше тоа.... Беше ли тој таму? Имаше ли таму забава? Дали тој одржуваше деловен состанок?“, праша Џеф.
Тој рече: „Дали тој се сопна во градината со шише вино, обидувајќи се да одржи деловен состанок? Или пак заднината на „Зум“ беше погрешна на деловниот состанок? Или беше маскиран во облека за забава?“
„Сега слушајте, сето тоа е ѓубре. Но тој, тој лажеше за сите. Знаете, Брегзит беше лага. Сè беше лага. Тој е познат по лажење. Тој беше избран бидејќи лажеше. Која е новата ударна вест, за што излажа Борис Џонсон денеска? Па ништо не е ново, нели, и не се ударни вести, нели? Тој тоа го прави цело време. Значи ним тоа им се допаѓа.“
Друг демонстрант, Луиз Браун, рече дека не можела да ја види својата сестра која била на интензивна нега во времето кога Борис Џонсон се забавувал во „Даунинг стрит“ и одби да го прифати извинувањето.
„Тој е само принуден да се извини бидејќи е откриен и нему му е жал дека е откриен“, рече таа.
„Но сега знаете, апсолутно нема дилема. Знаете, оваа последна забава во мај 2020 година беше кога на луѓето не им беше дозволено ни да формираат т.н. меури за дозволено мешање на луѓето во тој момент, тие буквално беа заглавени сами, додека тој беше надвор, забавувајќи се.“
„Не им е грижа за луѓето кои не можеа да одат да ги видат своите роднини додека беа во болница, како мојата сестра, таа беше на интензивна нега и јас не можев да одам и да ја посетувам.“
Таа рече: „Крајно е навредливо што јас се придржував до правилата, а тој, дури и во тие ужасни сериозни околности, тој одлучи да се смее и да оди на забава. Да, дефинитивно треба да даде оставка.“
news_share_descriptionsubscription_contact
