Faruk Zorlu
16 Септември 2023•Ажурирај: 18 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Бродовите на турската морнарица ТЏГ Бајрактар и ТЏГ Санџактар пристигнаа на либискиот брег за да им пружат помош на погодените од разорните поплави кои ја зафатија Либија претходно неделава, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, јавува Анадолу.
Со бродовите пристигнаа 360 припадници на Државната агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби на Туркије (АФАД), Асоцијацијата за пребарување и спасување (АКУТ), вработени во Министерството за здравство, Крајбрежната стража и противпожарната служба, се вели во соопштението на Министерството.
Амбулантни возила, камиони, возила за спасување и брза интервенција се меѓу 122-те возила кои се успешно пренесени во Либија со бродовите кои тргнаа од турскиот егејски град Измир.
Покрај персоналот и возилата испратени се и три целосно опремени теренски болници и резерви во храна, засолниште и медицински материјал за помош на локалното население погодено од катастрофата.
ТЏГ Османгази, исто така, треба да тргне за Либија од Измир за да продолжи со доставувањето основни средства за помош.
Министерството упати желби за брзо закрепнување на повредените и сочувство до семејствата на оние кои ги загубија животите.
Поројни врнежи од дожд и поплави поради бурата Даниел зафатија неколку области во источна Либија во неделата, а особено беа погодени Дерна, Бенгази, Ал-Бајда, Ал-Марџ и Соуса.