Ekipa
24 Октомври 2020•Ажурирај: 26 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Неколку арапски трговски корпорации најавија бојкот на француските производи како одговор на провокациите против исламот и навредливите изјави против божјиот пратеник Мухамед, јавува Агенција Анадолија (АА).
Арапските активисти, исто така, започнаа неколку кампањи на социјалните медиуми за бојкот на сите француски производи, користејќи неколку хаштагови (#boycottfrance #boycott_French_products #ProphetMuhammad).
Во Кувајт, „Арнаим“, големиот синџир супермаркети во државите од Персискиот Залив, соопшти дека ќе ги отстрани сите француски производи од полиците во знак на протест поради француските навредливи изјави против исламот и божјиот пратеник Мухамед.
Сличен потег презедоа и неколку трговски групи, како кооперативното друштво „Сабурб афтернун“, кооперативно друштво „Екаила“ и кооперативното друштво на „Саад Ал Абдулах сити“. Трите групи објавија фотографии на кои се гледа како француските производи се отстрануваат од нивните полици.
Во Катар, млекарницата „Алваџба“ и компанијата за производи за широка потрошувачка „Алмеера“ соопштија дека ќе ги бојкотираат француските производи и дека ќе обезбедат друга замена за нив.
Катарскиот универзитет, исто така, се вклучи во кампањата за бојкот, соопштувајќи дека донел одлука за одложување на Француската недела на културата во знак на протест поради антиисламската реторика.
„Секое понижување или осквернување на исламското верување, светии и симболи апсолутно се одбива“, се вели во соопштението на Универзитетот. „Овие навреди им штетат на универзалните човечки вредности и на високите етички принципи на сите општества“, се додава на Твитер.
Во последните неколку недели, францускиот претседател Емануел Макрон го нападна исламот и муслиманската заедница, обвинувајќи ги муслиманите за сепаратизам. Тој го опиша исламот како „религија во криза низ целиот свет“.
Ова се совпаѓа со провокативниот потег на „Шарли Ебдо“, левичарското француско списание познато по објавувањето антиисламски карикатури, што предизвика гнев и огорченост низ исламскиот свет.
Карикатурите првпат беа објавени во 2006 година од данскиот весник „Јуландс постен“ („Jylllands Posten“), што предизвика бран протести.