Amina Zorniç
30 Мај 2016•Ажурирај: 31 Мај 2016
САРАЕВО (АА) - Во Сараево денес се одржува „Самит на локалните власти на Европа и Азија” кој собра околу 150 градоначалници од 15 азиски и европски земји, членки на Унијата на општини ТДББ (Унија на општини од турскиот свет), јавува Anadolu Agency (AA).
Овогодишен домаќин на овој Самит, кој за прв пат се организира во БиХ, е општината Нови Град, Сараево.
Градоначалникот на Нови Град, Семир Ефендиќ, потсети дека целта на Унијата е јакнење на соработката и размена на искуствата меѓу локалните власти.
„Ова е веројатно најголемиот состанок на локалните власти во БиХ кој се одржува во последните десет години. Мислам дека имаме повеќе од сто градоначалници од земјите од Балканот и Азија. Тоа е можност да ги презентираме активностите на асоцијациите на градови на Унијата ТДББ, со седиште во Турција , која има околу 1.200 членови. Тоа ќе биде можност да се претстави она што го има направено организацијата досега и да се даде можност на општините кои не се членови да се приклучат кон организацијата. Ова е можност за соработка меѓу општините кои ќе можат да остварат и билатерални состаноци, од кои сигурен сум ќе произлезе конкретна соработка”, изјави Ефендиќ.
Претседателот на ТДББ, Ибрахим Караосманоглу, рече дека е убеден дека работата во текот на денешниот самит и билатералните состаноци ќе биде плодоносен и ќе произвде квалитетни резултати и нови познанства.
„Денес сме сведоци на оваа средба како заедница на општини и наша цел е размена на искуства во делот на локалната власт. Ова е добра можност да се запознаеме и да склучиме познанства со другите општини од овие простори”, рече Караосманоглу.
Генералниот секретар на ТДББ, Фахри Шолак потсети дека ТДББ е основана во 2003 година и делува меѓународно со 28 земји членки со над 1.100 општини.
Во текот на Самитот ќе има размена на знаење и искуства меѓу локалните заедници од различни земји, а ќе бидат претставени проекти за потенцијална соработка.