Hakan Çopur
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
ВАШИНГТОН
За време на состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и ирачкиот премиер Мустафа Казими разговарано е за неодамнешните ракетни напади во Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Белата куќа издаде писмено соопштение во врска со телефонскиот разговор меѓу Бајден и Казими.
„Претседателот ја потврди поддршката на САД за суверенитетот и независноста на Ирак и го пофали лидерството на премиерот. Двајцата [соговорници] разговараа за неодамнешните ракетни напади насочени кон персоналот на Ирак и Коалицијата и се согласија дека извршителите на нападите треба да понесат целосна одговорност“, се подвлекува во соопштението од Белата куќа.
Исто така, во изјавата се наведува дека Бајден и Казими ја истакнале важноста на развојот на односите меѓу САД и Ирак преку „Стратешкиот дијалог“.
Минатата недела беа извршени ракетни напади на аеродромот во Ербил, каде што се стационирани американски трупи во Ирак, а исто така, и претходниот ден беа извршени напади на заштитената Зелена зона во Багдад.
Многу извори во регионот како реализатор на нападите го посочуваа Иран. Од друга страна, американските власти изјавија дека сѐ уште не се завршени истрагите за идентификување на сторителите на нападите.