Büşra Selvi Öğütcen
13 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
ДАКА (АА) - Премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина, истакна дека бегалците Рохинџа во нејзината земја предизвикуваат сериозна загриженост за безбедноста и стабилноста на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерката Хасина преку видеоконференција зборуваше на церемонијата за отворање на Семинарот за управување со индо-пацифичките армии.
Хасина рече дека долгорочниот престој на бегалците Рохинџа сериозно влијае на економската, еколошката, безбедносната и социо-политичката стабилност на Бангладеш.
Наведувајќи дека испраќањето на муслиманите Рохинџа назад во нивната земја е единственото решение, Хасина додаде дека нема да ги принудат да одат во Мјанмар.
Меѓу другото, на семинарот за управување со индо-пацифичките армии присуствуваа армиски претставници од 24 земји, вклучувајќи ги САД и Канада, како и земјите од регионот.
На семинарот, претставниците на другите земји се осврнаа на прашања како што се безбедноста и управувањето со катастрофи, додека привлече внимание тоа што премиерката на Бангладеш во својот говор се осврна на муслиманите Рохинџа во нејзината земја.
Според податоците на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), бројот на луѓе кои избегале од угнетувањето и прогонот во Аракан и се засолниле во Бангладеш по август 2017 година достигна 936.733.