Burç Eruygur
20 Ноември 2023•Ажурирај: 21 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денес се сретна со украинскиот претседател Владимир Зеленски во главниот град Киев, за време на неговата ненајавена посета на Украина, јавува Анадолу.
„Ми беше чест што денес во Киев се сретнав со претседателот Зеленски за да ја потврдиме цврстата поддршка на САД за Украина. Ние, заедно со нашите сојузници и партнери, ќе продолжиме да ги поддржуваме итните потреби на бојното поле и долгорочните одбранбени потреби на Украина“, рече Остин во изјавата на X, порано познат како Твитер.
Сѐ уште не се дадени дополнителни детали за исходот од состанокот ниту од украинска, ниту од американска страна.
Остин го најави своето пристигнување во Киев денес на социјалната мрежа Х, при што рече дека ќе одржи средба со украинските лидери за да ја пренесе пораката на Вашингтон дека ќе продолжи да биде со Украина во нејзината борба за слобода против руската агресија, и сега и во иднина.
Министерството за одбрана на САД соопшти дека состаноците ќе се фокусираат на понатамошно зајакнување на стратегиското партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Украина, обезбедувањето на Вооружените сили на Украина со борбените капацитети на бојното поле потребни и за зимата, и одбрана на земјата од идните руски закани.