Jeyhun Aliyev,Ali Murat Alhas
29 Септември 2020•Ажурирај: 30 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турција не е страна во конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија, туку му дава само морална поддршка на Баку, изјави денес претседателот на Азербејџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Гласините што ги шири Ерменија дека Турција е вклучена во конфликтот се провокативни“, рече претседателот Илхам Алијев за рускиот државен канал Русија-24.
Отфрлајќи ги тврдењата на Ерменија дека турски воен авион Ф-16 соборил ерменски авион СУ-25, Алијев рече дека турските авиони Ф-16 „во никој случај не беа вклучени во судирот“.
Анкара, исто така, го негираше тврдењето на Ерменија во врска со соборениот авион.
Алијев истакна дека Ерменија брутално го прекршила меѓународното право со инвазија на азербејџанска територија.
Пограничните судири избувнаа во неделата кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџански цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.