Berk Kutay Gökmen
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Последиците од војната во Иран ја влошуваат состојбата со глобалниот глад и милиони ранливи луѓе ги изложуваат на ризик од критичен недостиг на храна, изјави за „Си-ен-ен“ вршителот на должноста извршен директор на Светската програма за храна (ВФП), Карл Скау, во извештајот објавен денес, јавува Анадолу.
Затворањето на Ормускиот Теснец предизвика нагло поскапување на горивата, што ги зголеми трошоците за операциите на агенцијата на ОН и ги покачи цените на храната низ светот.
Дополнително, блокирани се и пратките со ѓубрива од Персискиот Залив, што директно го загрозува земјоделското производство во земји како Судан.
Овие притисоци доаѓаат во време кога Светската програма за храна се соочува со сериозен недостиг на средства.
„На многу места ние веќе земаме од гладните за да им дадеме на оние што умираат од глад“, рече Скау.
Агенцијата, која зависи од владини донации, забележа остар пад во поддршката, вклучително и од нејзиниот најголем донатор, САД. Финансирањето од САД за 2026 година изнесува околу 731 милион долари, во споредба со повеќе од 4 милијарди долари во 2024 година.
Скау истакна дека во најсиромашните земји, „кога цената на храната се зголемува за 20%-30%, тие јадат за 20%-30% помалку“.
Од Светската програма за храна во март предупредија дека уште 45 милиони луѓе би можеле да се соочат со акутен глад доколку цената на нафтата остане над 100 долари по барел.
Според Скау, последиците веќе се чувствуваат во Шри Ланка, Сомалија и Авганистан, а закрепнувањето ќе трае дури и ако Ормускиот Теснец веднаш се отвори.
„За закрепнување ќе биде потребно време“, изјави тој.
„Се надеваме дека овој конфликт ќе заврши и дека теснецот ќе се отвори уште утре. Сепак, јасно е дека богатите земји мора да преземат одговорност и да помогнат за да се ублажат последиците од оваа криза врз најранливите категории граѓани.“