Hasan Tosun
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ВИЕНА (АА) - Австрискиот канцелар, Кристијан Керн, рече дека ќе остане отворен преминот Бренер, на австриско-италијанската граница, пренесува Anadolu Agency (AA).
За италијанската телевизија „РАИ 3“, Keрн говореше во врска со преминот помеѓу Италија и Австрија, кој е предмет на многу дебати во последниве месеци.
„Јас не бев за кревање ѕид, а не сум ниту сега. Јасно е дека треба да избегнеме да се поставуваат внатрешни граници во Европа“, појасни Keрн, кој истакна дека Италија добро ја врши својата работа кога станува збор за контролата.
Австрискиот канцелар смета дека е многу поефикасно на бегалците да им се помогне во нивните земји, и дека Европа треба да пронајде одговор на прашањето за решавање на мигрантската криза.
Канцеларот Keрн истакна дека Европа треба да им помогне на Италија и на Грција, додавајќи дека е разочаран од резултатот на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ што се одржа во Братислава во септември.
„Проблемите беа толку големи што беше потребно да се најде итно решение. За жал, во Европа многу се зборуваше, а многу малку беше направено“, рече Керн.