Islam Uddin
13 Мај 2026•Ажурирај: 13 Мај 2026
Австралија ќе распореди високотехнолошки авион за надзор за да ги поддржи меѓународните напори да одржат отворени бродските коридори во Ормускиот Теснец, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Министерот за одбрана, Ричард Марлс, го најави распоредувањето на авионот „Боинг Е-7 Веџтејл“ по онлајн состанокот одржан вчера, на кој учествуваа министри за одбрана од повеќе од 40 земји, пренесe „Ес-би-ес њуз“.
Авионот претходно беше распореден во регионот во март како дел од напорите за заштита на Обединетите Арапски Емирати од ирански напади.
„Е-7А Веџтејл“ се смета за една од најнапредните платформи за воздушен надзор во светот.
Мултинационалната мисија, предводена од Обединетото Кралство и Франција, има цел да ја заштити пловидбата низ стратегиски важниот Ормуски Теснец.
Марлс изјави дека улогата на Австралија во оваа операција ќе биде исклучително одбранбена и нагласи дека праќањето на авионот е со цел да им помогне на дипломатските напори и да го намали ризикот од уште поголемо влошување на ситуацијата.
Австралискиот министер за финансии Џим Чалмерс предупреди дека долготрајната нестабилност на Блискиот Исток веќе влијае врз глобалните цени на енергијата и би можела да се одрази врз австралиската економија преку инфлациски притисоци и притисоци врз економскиот раст.
Регионалните тензии ескалираа откако Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика одмазда од Техеран насочена кон Израел и американските сојузници во Персискиот Залив, заедно со затворање на Ормускиот Теснец.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април со посредување на Пакистан, иако преговорите во Исламабад не доведоа до траен договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна го продолжи прекинот на огнот без да одреди краен рок.