Recep Şakar
22 Октомври 2021•Ажурирај: 23 Октомври 2021
МЕЛБУРН (АА) - Најдолго „заклучениот“ град на светот, Мелбурн, излезе од последната серија на ограничувања, воведени со цел спречување на ширење на вирусот Ковид-19, поради што жителите на тој австралиски град во раните утрински часови денеска побрзаа кон градските барови, ресторани и фризерски салони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вториот по големина град во Австралија помина 263 дена или речиси девет месеци под строги ограничувања при шест одвоени карантина, кои беа на сила од март 2020 година, што претставува најдолг карантин за кој било град во светот.
Укинувањето на мерките настапи во период кога повеќе од 70 проценти на возрасни граѓани на Австралија се целосно вакцинирани против коронавирусот.

Австралија е една од земјите во светот со најстроги гранични контроли. Дури и на своите граѓани им забрани напуштање на земјата.
Многу жители планираат повторно да летаат во странство откако меѓународните гранични рестрикции ќе почнат со попуштање од ноември.

Премиерот на Австралија, Даниел Ендрјус, изјави дека новиот национален план сега е да се вакцинираат 80 проценти на населението, за да се продолжи со безбедно отворање на земјата.
Тој додаде дека целосно вакцинираните лица кои покажуваат негативен тест на Ковид-19 по доаѓањето во Австралија нема да бидат ставени во хотелски карантин од 14 дена.
Во државата од почетокот на пандемијата регистрирани се 152.000 случаи на коронавирусот и 1.590 смртни случаи.