Burak Dağ
16 Јануари 2020•Ажурирај: 17 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Алијансата на новински агенции на Балканот и Југоисточна Европа (АБНА-СЕ) побара од Египет да ги ослободи четворицата вработени на Агенција Анадолија приведени во текот на рацијата во Канцеларијата на АА во египетскиот главен град, Каиро, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„АБНА-СЕ повикува на итно ослободување на новинарите кои се задржуваат без никаква информација од страна на египетските власти“, се вели во соопштението на АБНА-СЕ.
Во ова соопштение се изразува длабока загриженост за извршената рација и се додава дека оваа рација е флагрантен потег кој директно ѝ наштетува на медиумската слобода и на новинарската заедница.
„Ние нема да толерираме ниту еден чекор кој директно ги загрозува нашето право на слободно изразување и нашите демократски вредности“, се додава во ова соопштение.
Египетската полиција во вечерните часови на 14 јануари изврши упад во Канцеларијата на АА во Каиро и потоа приведе четворица вработени, меѓу кои и еден државјанин на Турција, и ги одведе во непознат правец.
Полицијата при упадот во Канцеларијата на АА ги изгаснала безбедносните камери и ја прекинала интернет-врската. Безбедносните сили вршеле претрес во Канцеларијата до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Досега, египетските институции не објаснија зошто се приведени новинарите и каде се однесени, без оглед на барањата за одговор од адвокатите на АА и од турската Амбасада во Каиро.
Турското Министерство за надворешни работи повика на итно ослободување на персоналот на АА и го оцени упадот во Канцеларијата на АА како чин на насилство и индикатор за негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.
Портпаролот на Обединетите нации (ОН), Стефан Дујариќ, изјави дека ОН се загрижени за секој извештај за апсења и приведувања на новинари и порача дека ОН ќе го истражат случајот на египетските безбедносни сили.
Од Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) и Меѓународниот институт за медиуми (IPI), исто така, го осудија упадот на египетската полиција во Канцеларијата на АА во Каиро и повикаа на итно ослободување на приведените.
Портпаролот на Стејт департментот исто така рече дека Вашингтон е запознаен со вестите од Каиро и ги повика египетските власти да ги ослободат притворените и да овозможат слободно новинарство.