Eshat Fırat
25 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
ВИТЛЕЕМ (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас, изјави денес дека усвојувањето на резолуцијата за забрана на изградбата на илегални еврејски населби на окупираната палестинска територија не е решение за палестинското прашање, но тоа е можност за обновување на мировните преговори меѓу Палестина и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Абас присуствуваше на одбележувањето на Божиќ во Витлеем, каде што изјави дека вчера е извојувана победа кога меѓународната заедница ги прогласи за нелегални населбите што Израел ги има изградено на палестинска територија и повика на итен прекин на изградбата.
„Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН не значи дека палестинското прашање е решено, но тоа е добра можност за обновување на мировните преговори и постигнување на решение за кризата на Блискиот Исток врз основа на воспоставување независна палестинска држава според границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град“, рече Абас.
Нагласувајќи дека е јасен фактот оти еврејските населби се илегални, Абас рече дека не разбира зошто другата страна е толку вознемирена поради резолуцијата на Советот за безбедност.
Абас во божиќната честитка посака палестинскиот народ да дочека мир и независност, а палестинските движења Фатах и Хамас да постигнат национален консензус и единство.
„Нека се врати палестинската управа и во Газа, бидејќи не постои Палестина без Газа“, порача Абас.
Советот за безбедност со 14 гласа за, со воздржаност на САД, ја усвои резолуцијата со којашто израелските власти се повикуваат веднаш да ја запрат изградбата на илегалните еврејски населби на окупираната палестинска територија. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел нема да ја признае оваа резолуција и ја оцени како антиизраелска.