Mücahithan Avcıoğlu
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Јапонија поведе истраги за нелегален увоз (антидампинг) на клучни производи од челик од Кина, Јужна Кореја и Тајван. Ова е уште еден доказ за сè поголемите трговски тензии во глобалниот сектор за челик, јавува Анадолу.
Јапонските министерства за економија и за финансии во одделни соопштенија денес објавија дека истрагите ќе ги опфатат челичните ролни, лимови и ленти, без оглед дали се изработени со топло или ладно валање.
Истрагите беа побарани од големите јапонски производители на челик, вклучително и „Нипон Стил“ , „Џеј-Еф-И Стил“ и „Кобе Стил“, кои тврдат дека овие производи се продаваат во Јапонија под нивната нормална вредност.
Истрагата за производите од челик што се изработуваат на екстремно високи температури беше побарана од „Нипон Стил“, „Џеј-Еф-И Стил“, „Кобе Стил“ и „Накајама Стил Воркс“, а истрагата за ладно валаниот челик беше побарана од „Нипон Стил“, „Џеј-Еф-И Стил“ и „Кобе Стил“.
Барањата биле поднесени на 27 февруари, наведуваат министерствата.
Овие видови челик најмногу се користат во автомобилската индустрија, за производство на апарати за домаќинство (бела техника), во машиноградбата и за пакување (амбалажа).
Се очекува истрагите, во принцип, да бидат завршени во рок од една година, соопштија министерствата.
Овој потег доаѓа во време кога глобалните пазари на челик се соочуваат со притисок од вишок капацитет и слаба побарувачка во некои големи економии, што поттикна неколку земји да усвојат или да размислат за мерки за трговска заштита.
Кина, најголемиот производител на челик во светот, го зголеми извозот во услови на послаба домашна побарувачка, со што ја засили конкуренцијата на меѓународните пазари и го привлече вниманието на трговските партнери.
Јапонија и претходно има спроведено истраги во однос на Кина, Јужна Кореја и Тајван, поради сомнение дека продаваат одредени видови заштитен (обложен) и нерѓосувачки челик по нереално ниски цени.