свет

Тројца Австралијци се наоѓале на американската подморница што потопи ирански воен брод

- „Вообичаено не би потврдувале вакво прашање, но со оглед на состаноците на нашиот Совет за национална безбедност и јавниот интерес, можам да потврдам дека на тој брод имало тројца австралиски членови на екипажот“, изјави премиерот Ентони Албаниз

Islam Uddin  | 06.03.2026 - Обновена : 06.03.2026
 Тројца Австралијци се наоѓале на американската подморница што потопи ирански воен брод

ИСТАНБУЛ (АА) - Австралискиот премиер Ентони Албаниз денес потврди дека тројца австралиски членови на екипажот се наоѓале на американската подморница што нападнала ирански воен брод во водите кај Шри Ланка, при што се убиени најмалку 87 лица, јавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.

„Вообичаено не би потврдувале вакво прашање, но со оглед на состаноците на нашиот Совет за национална безбедност и јавниот интерес, можам да потврдам дека на тој брод имало тројца австралиски членови на екипажот“, изјави Албанезе во интервјуто за „Скај њуз“.

Тој појасни дека ниеден Австралиец не учествувал во офанзивни дејства против Иран и дека тие биле дел од програмата за обука во рамките на безбедносниот пакт АУКУС.

„Тоа не се само воени лица, туку и инженери, техничари, луѓе што ги учат тие вештини, без оглед дали се во САД или во Обединетото Кралство“, додаде Албанезе.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денес потврди дека американска подморница го нападнала бродот ИРИС „Дена“, фрегата од класата „Моуџ“ која служи во јужната флота на иранската морнарица.

Во меѓувреме, претседателот на Шри Ланка, Ануара Кумара Дисанајаке, во петокот изјави дека неговата земја ќе обезбеди хуманитарна помош за вториот ирански брод што се наоѓа во близина на територијалните води на државата. Тој потврди дека 208 лица на бродот ќе бидат пренесени во Коломбо, по што ќе бидат придружувани до пристаништето Тринкомали, на североисточниот брег на Шри Ланка.

Иранските власти соопштија дека на воениот брод имало 130 морнари. Бродот се враќал дома по поморската вежба одржана минатиот месец крај индискиот брег. Во нападот биле ранети 32 морнари, а многумина сè уште се водат како исчезнати.

„Ниеден цивил не треба да загине во војни. Нашиот пристап е дека секој живот е подеднакво драгоцен како и нашиот“, напиша тој на американската компанија за социјални медиуми Х.

Нападот врз иранскиот воен брод се случи во време на тековната воена кампања на Израел и САД против Иран што започна на 28 февруари и во која, според извештаите, убиени се повеќе од 1.000 лица, меѓу кои и врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, како и високи воени лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın