свет

„Преговорите за Сирија во јануари ќе бидат фокусирани на Уставот“

„На следниот состанок што ќе започне на 25 јануари, ако дозволи ситуацијата со Ковид-19, она за што ќе разговараме тогаш се уставните принципи или основните принципи на Уставот“, изјави Педерсен

Ekipa  | 05.12.2020 - Обновена : 06.12.2020
„Преговорите за Сирија во јануари ќе бидат фокусирани на Уставот“

ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија соопшти дека следната рунда преговори за уставните принципи за мир во Сирија ќе започнат во Женева следниот месец, јавува Агенција Анадолија (АА).

Геир Педерсен пред новинарите во ОН изјави дека постигнати се „некои заеднички точки“ по петдневните разговори.

„Значи, на следниот состанок што ќе започне на 25 јануари, ако дозволи ситуацијата со Ковид-19, она за што ќе разговараме тогаш се уставните принципи или основните принципи на Уставот“, рече тој.

„Среќен сум што можам да ве известам дека малото тело... сега постигна согласност. Ова е првпат да успееме да го постигнеме тоа“, рече Педерсен.

Рундата преговори за обезбедување мир во Сирија започна во понеделникот во Женева, со големи ограничувања воспоставени од ОН поради пандемијата.

„Малиот Уставен комитет е важен“, додаде претставникот на ОН.

„Може да изгради доверба и може да започне да решава некои клучни прашања во конфликтот. Може да отвори многу врати, и како што претходно додадов, не може сам да го реши конфликтот“, рече тој.

Потребен е побрз напредок, не само на терен туку и во меѓународната соработка.

Педерсен рече дека е од суштинско значење да се направи напредок во меѓународниот формат.

„Ја охрабруваме новата американска администрација, а особено Русија, да седне и да разговара, да види дали има, чекор по реципрочен чекор што може да се преземат, за да се изгради довербата“, рече Педерсен.

Тој нагласи дека по 10-годишен конфликт, не е за изненадување што процесот трае бавно и е тежок.

„Мандатот на Комитетот е да подготви и состави нацрт на уставните реформи. И нашата надеж е дека со следните неколку рунди разговори ќе може да се започне тој процес на подготвување“, додаде Педерсен.

Тој посочи дека ќе биде потребна многу работа, ќе биде предизвик „и можеби нема да се случи толку брзо колку што се надевавме“.

Хади ал Бахра, кој ја предводи опозицијата, и Ахмед Кузбари, кој го претставува режимот, говореа пред новинарите.

„Овој круг [преговори] беше позитивен за нас и имавме важни интервенции“, рече Кузбари, кој го обвини Ал Бахра за кршење на „кодексот на однесување“, но не даде повеќе детали во врска со тоа.

Ал Бахра истакна: „Претежно, имавме позитивна клима. Како што знаете, и како што беше речено, климата понекогаш е и малку жешка.“

„Беа доставени голем број документи за националните принципи на Уставот во однос на еднаквото државјанство, слободите, поделбата на власта, како и независноста на судството.“

Ал Бахра изјави дека биле доставени и други документи, како на пример за бегалците и раселените лица во Сирија.

„Овa се едни од најважните елементи на загриженост сега за милиони Сиријци“, рече лидерот на опозицијата.

Сирија е вовлечена во граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година кога режимот на Башар ал Асад со неочекувана свирепост ги разби продемократските протести.

Оттогаш раселени се над 5 милиони цивили.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.