Muhammet Kurşun
08 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Американските санкции кон иранската петрохемиска компанија PGPIC е продолжение на непријателството кон Иран и многу очигледен пример на економски тероризам, порача Абас Мусави, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Мусави во пишана изјава ја прокоментира одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за воведувањето санкции кон иранската петрохемиска компанија PGPIC и кон уште 39 други компании.
Тој го повика целиот свет да реагира, на, како што рече, тоа што Соединетите Држави низ карта на санкции ги кршат темелните принципи на меѓународното право.
Mусави ги осуди најновите санкции на САД и ги окарактеризира како „продолжение на непријателството на САД кон Иран и многу очигледен пример за економски тероризам“.
Тој, исто така нагласи дека американската политика на вршење максимален притисок се покажала неуспешна, и порача дека на тоа се обиделе и претходните американски претседатели.
„Овој метод е погрешен и американската администрација треба да знае дека со ваквата политика нема да оствари ниту една зададена цел. Ваквите чекори на САД се косат со меѓународните односи и темелни принципи на правата. Освен тоа, во спротивност се и со оние меѓународни обврски кои САД се должни да ги почитуваат“, порача Мусави.
Министерството за финансии на САД во петокот објави дека се воведени санкции кон најголемата иранска петрохемиска компанија PGPIC и кон уште 39 други компании, а како причина за овие санкции е наведена финансиската поддршка која се пружа на Чуварите на револуцијата.