Масовна гробница пронајдена во поранешното седиште на државната безбедност во Северна Сирија
Од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година низ цела Сирија се откриени многу места на масовни гробници, од кои најголемата во близина на Дамаск
ИСТАНБУЛ (АА) - Сириските власти открија масовна гробница во поранешното седиште на Дирекцијата за државна безбедност во северниот град Маарет ал-Нуман, објавија синоќа локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Сириската арапска новинска агенција (САНА) објави пет фотографии на кои се гледа напуштена зграда со јами внатре за кои се верува дека се гробови, додека безбедносниот персонал и возилото со ознаки на Одделот за кривични истраги се гледаат надвор.
Пред помалку од две недели сириските власти пронајдоа масовна гробница во селото Туркан во источниот дел на Алепо во Северна Сирија.
Во тоа време државниот канал Алихбарија соопшти дека гробницата содржи „неидентификувани останки за кои се верува дека им припаѓаат на жртви убиени под тортура или преку егзекуции на терен од страна на силите на поранешниот режим“.
Од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година низ цела Сирија се откриени многу места на масовни гробници, од кои најголемата во близина на Дамаск.
Сириските граѓани велат дека падот на режимот на Ал-Асад го означи крајот на децениската ера на страв, каде што затворите станаа кошмари на тортура, произволно притворање и исчезнувања.
Новоформираната сириска Влада континуирано изјавува дека повикувањето на одговорност на оние што се одговорни за злосторствата од претходниот режим ќе остане приоритет.
Ал-Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, избега во Русија минатиот декември, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година. Во јануари беше формирана нова преодна администрација предводена од претседателот Ахмед ал-Шара.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
