Berk Kutay Gökmen
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Триесет и седумгодишен маж, осомничен дека намерно предизвикал еден од трите големи шумски пожари што беснеат во американската сојузна држава Вашингтон, вчера официјално беше обвинет за подметнување пожар од прв степен, јавува Анадолу.
Арон Ф. Фариначи преку видеоврска се појави пред Вишиот суд на округот Спокејн. Тој се соочува со обвинение за подметнување пожар од прв степен, а судот му одреди кауција во износ од еден милион долари. Неговото прво рочиште е закажано за четврток, пренесува Си-ен-ен.
Обвинението е поднесено додека трите големи пожари – „Олд Трејлс“, „Отом Лејн“ и „Фервју“ – од саботата досега зафатиле земјиште од повеќе од 10.000 акри и уништиле стотици домови и други објекти во регионот на Спокен.
„Ситуацијата е критична. Ова се населби во градот Спокен што во голема мера целосно се уништени“, изјави гувернерот на државата Вашингтон, Боб Фергусон.
Во понеделникот официјалните лица соопштија дека се уништени повеќе од 700 објекти, а уште околу 10.000 згради се загрозени.
До понеделникот речиси 65.000 жители на округот Спокен биле принудени да се евакуираат. Властите соопштија дека нема пријавени повредени или загинати.
Државните власти, исто така, информираа дека вкупно 17 големи шумски пожари што беснеат низ државата Вашингтон досега зафатиле површина од околу 262.000 акри.
Портпаролот на Канцеларијата на шерифот на округот Спокен, Марк Грегори, изјави дека во вторникот властите успеале да стапат во контакт со сите 14 лица што претходно се водеа како исчезнати.