Ekip
04 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Иран ќе се придржува до своите ветувања доколку и останатите членки од Договорот за нуклеарната програма ги исполнат своите обврски, истакна иранскиот претседател, Хасан Рохани, за време на состанокот во главниот град Техеран со високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Хасан Рохани на средбата со Жозеп Борел нагласи дека неговата земја е сè уште подготвена да соработува со ЕУ за решавање на прашањата.
„Кога другата страна ќе ги исполни своите целосни обврски, Иран ќе се придржува до своите обврски“, рече Рохани.
Во однос на чекорите на Техеран во контекст на намалување на своите обврски кон Договорот, Рохани рече дека оваа мерка е во рамките на нуклеарниот договор, заедно со целта за негово зачувување.
Рохани исто така потенцираше дека соработката меѓу Иран и ЕУ е насочена кон решавање на многу регионални и меѓународни прашања и додаде: „Иран останува посветен кон мониторинг-процесот на Меѓународната агенција за атомска енергија што сè уште постои денес и што ќе продолжи доколку [Иран] не се соочи со нови околности.“
Иранскиот Договор за нуклеарна програма, познат и како Заеднички сеопфатен план за акција, беше потпишан во 2015 година помеѓу Иран и Русија, Кина, Франција, Велика Британија и САД плус Германија.
Тензиите помеѓу САД и Иран од мај 2018 година пораснаа, кога Вашингтон еднострано се повлече од Договорот.
САД оттогаш наметнаа дипломатска и економска кампања за притисок врз Иран со цел повторно да преговара за Договорот.
Како дел од оваа кампања, САД повторно воведоа санкции за извозот на иранска сурова нафта, кои сериозно ја погодија иранската економија.