Lina Altawell
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Припадници на израелската армија денес извршија упад во руралните подрачја на Дара во Јужна Сирија, еден ден по средбата меѓу Дамаск и Тел Авив, чија цел беше намалување на тензиите, пренесува Анадолу.
„Израелските окупациски сили напредуваа со неколку воени возила во селото Марија во западниот дел на руралните подрачја на Дара“, објави сириската телевизија Ал-Ихбарија.
Вчера израелските сили извршија упад во градот Ал-Рафид во покраината Кунеитра и приведоа овчар, според телевизискиот канал.
На подрачјата во Јужна Сирија се извршуваат речиси секојдневни израелски упади и напади, особено во покраините Кунеитра и Дара, вклучително и рации, претреси, приведувања и поставување воени контролни пунктови.
Во неделата во Јордан сириска делегација предводена од министерот за надворешни работи Асад ал-Шејбани имаше средба со израелска делегација, со посредство на САД, објави сириската државна новинска агенција САНА, повикувајќи се на дипломатски извор во Министерството за надворешни работи.
„Средбата се одржа како дел од напорите насочени кон намалување на ескалацијата по неодамнешното израелско гранатирање на сириска територија и растечките тензии во Јужна Сирија“, изјави изворот.
На 18 август израелски авиони извршија осум воздушни напади врз пистата на воената воздухопловна база Абу ал-Духур во покраината Идлиб, во Северозападна Сирија, при што беше оштетена нејзината инфраструктура.
На 26 јули сирискиот претседател Ахмед ал-Шара изјави дека неговата земја работи, со учество на други држави, на постигнување безбедносен договор со Израел.
Израел окупира поголем дел од сириската Голанска Висорамнина од 1967 година. По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година Израел прогласи дека Договорот за разграничување од 1974 година е неважечки и ги окупираше сириската „тампон-зона“ и други позиции, вклучително и сириската страна на планината Хермон.