Dzihat Aliju
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Во Собранието на Северна Македонија се одржа сесија на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина, пренесува Анадолу.
На сесијата се обратија потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, амбасадорката на Украина, Лариса Дир, пратеникот Оливер Спасовски, како претставник на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене, и в.д. амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора.
Потпретседателот Милошоски упати честитки до Украина и украинскиот народ по повод Денот на независноста, истакнувајќи дека овој ден е симбол на слободата, суверенитетот и правото на секој народ самостојно да ја определува својата иднина.
„Поддршката која нашата држава ја дава за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална. Секоја држава мора да има можност самостојно да ја одбере својата иднина и своите партнери“, истакна Милошоски.
Амбасадорката Дир ја нагласи важноста на меѓународната поддршка за Украина, посочувајќи дека солидарноста од меѓународните партнери претставува дополнителна сила за украинскиот народ. Таа укажа дека руската агресија секојдневно одзема невини животи и претставува закана за безбедносниот поредок во Европа.
По завршувањето на сесијата, во Кристалната сала на Собранието беа отворени две изложби - „Враќање на сеќавањето на Херсон“ и „Светското наследство на Украина под заштита на УНЕСКО“. Во рамки на настанот беше претставен и македонскиот превод на романот на Васил Шкљар „Црниот гавран: останатиот“.