свет

Извештај: Бројот на жртви се искачи на 2.550, продолжуваат протестите во Иран

Според податоците на ХРАНА, на 17. ден од протестите на национално ниво, евидентирани се 614 собири во 187 града, опфаќајќи 31 провинција во земјата

Kanyshai Butun, Riyaz Khaliq Khaliq  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
 Извештај: Бројот на жртви се искачи на 2.550, продолжуваат протестите во Иран

ИСТАНБУЛ (АА) – Бројот на жртви во протестите во Иран се искачи на 2.550 лица, меѓу кои 2.403 демонстранти и 147 припадници на безбедносните сили и поддржувачи на Владата, соопшти вчера Новинската агенција на активисти за човекови права (ХРАНА), пренесува Анадолу.

Според податоците на ХРАНА, на 17. ден од протестите на национално ниво, евидентирани се 614 собири во 187 града, опфаќајќи 31 провинција во земјата.

ХРАНА наведува дека досега се евидентирани вкупно 18.434 апсења, 1.134 случаи на тешки повреди, како и 97 случаи на присилни признанија емитувани во медиумите.

Сепак, и понатаму нема официјални и сеопфатни податоци од иранските власти за бројот на жртви за време на протестите.

Во меѓувреме, продолжува комуникациската блокада во земјата. Интернетот е исклучен вкупно 132 часа, соопшти денес организацијата за мониторинг „Нетблокс“

Иран е зафатен од бран протести од 28 декември во Техеран, поради наглото намалување на вредноста на иранскиот ријал и влошувањето на економските услови. Подоцна демонстрациите се проширија во неколку градови.

Иранските власти ги обвинија САД и Израел дека ги поддржуваат „вооружените бунтовници“, кои извршија неколку напади врз јавни места низ целата земја.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека САД се подготвени да преземат „многу силни мерки“ доколку се покажат точни извештаите дека Иран планира да егзекутира демонстранти.

Трамп ги даде овие коментари кога го прашаа за коментарите што претходно ги објави на својата компанија за социјални медиуми Трут Соушал велејќи: „Помошта е на пат.“

„Па, има многу помош на пат и тоа во различни форми, вклучително и економска помош. Го уништивме Иран со неговите нуклеарни капацитети“, рече тој, осврнувајќи се на американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни минатата година.

- Предупредување за патување од Непал -

Непал им се придружи на неколку земји и ги повика своите државјани што живеат и работат во Иран строго да ги следат безбедносните препораки на надлежните власти.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува и апел до сите непалски државјани да избегнуваат патувања во Иран сè додека не се стабилизира состојбата во земјата.

- Кина го отфрла „надворешното мешање“ -

Денес Кина повторно ја изрази својата поддршка за Иран, истакнувајќи дека се надева оти иранската Влада и народ „ќе ги надминат сегашните тешкотии и ќе ја зачуваат стабилноста во земјата“.

„Во исто време се спротивставуваме на надворешно мешање во внатрешните работи на една држава и не го одобруваме користењето ниту заканата за употреба на сила во меѓународните односи“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг за новинарите во Пекинг.

„Се надеваме дека сите страни ќе преземат чекори што ќе придонесат за мир и стабилност на Блискиот Исток“, додаде таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın