свет

„Големите семејства се можно решение за демографската криза во Европа“, изјави претседателката на ЕЛФАК

- „Големите семејства често се оставени без социјална поддршка и понекогаш се дури и стигматизирани. А токму тие би можеле да бидат клуч за решавање на демографската криза и да понесат важна одговорност за иднината на општеството“, рече таа.

Nuri Aydın, Sercan İrkin  | 23.05.2025 - Обновена : 23.05.2025
„Големите семејства се можно решение за демографската криза во Европа“, изјави претседателката на ЕЛФАК

ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателката на Европската конфедерација на големи семејства (ЕЛФАК) со седиште во Италија, Марија Реџина Марончели, изјави дека демографскиот пад станува сериозна закана за Европа, а решението можеби лежи токму во поддршката на големите семејства, јавува Анадолу.

Говорејќи на Меѓународниот семеен форум во Истанбул, Марончели го нагласи значењето на големите семејства за иднината на општествата.

„Големите семејства често се оставени без социјална поддршка и понекогаш се дури и стигматизирани. А токму тие би можеле да бидат клуч за решавање на демографската криза и да понесат важна одговорност за иднината на општеството“, рече таа.

Марончели посочи дека ЕЛФАК обединува семејни здруженија од 22 европски земји и предупреди дека наталитетот низ Европа опаѓа со алармантна брзина. Денес семејства со три или повеќе деца сочинуваат само 3 отсто од популацијата.

Таа додаде дека голем број европски градови веќе губат население, а руралните подрачја се соочуваат со сериозно намалување на жителите.

Во обид да се поттикнат позитивни промени, Марончели информираше дека е воспоставена мрежа на општини пријателски кон семејствата, со цел локалните власти да усвојат политики што ги ставаат семејствата во центарот на вниманието.

„Досега 160 општини од 10 земји се приклучија на оваа мрежа“, рече таа.

Истакнувајќи дека Турција сè уште не се соочува со толку сериозни демографски предизвици како Европа, Марончели предупреди дека таа тенденција би можела да се појави и таму во иднина.

„Општество што ги поддржува семејствата и ги охрабрува да имаат деца може да ја промени оваа насока“, истакна таа.

На крајот таа истакна дека градовите што се пријателски кон семејствата не само што ќе ја подобрат благосостојбата на граѓаните туку ќе придонесат и за економски раст, повикувајќи ги локалните власти на целосна посветеност на семејните политики.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.