Emre Gürkan Abay
23 Март 2024•Ажурирај: 25 Март 2024
МОСКВА (АА) - Рускиот истражен комитет соопшти дека бројот на загинати во вооружениот напад во концертната сала во Москва се зголеми на 137, известува Анадолу.
Во соопштението се вели дека продолжува истрагата за терористичкиот напад што се случи синоќа во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва.
Истражен комитет потврди дека екипите на теренот пронашле повеќе тела додека ги пребарувале урнатините.
„Бројката на загинати во вооружениот напад во концертната сала во Москва се зголеми на 137, продолжува истрагата на местото на злосторството“, соопшти Рускиот истражен комитет
Вооружени лица извршија терористички напад вечерта на 22 март во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва.
Снимките споделени на социјалните мрежи покажуваат како напаѓачите со автоматско оружје по случаен избор пукаат кон луѓето во салата.
Терористите употребија и запалива течност за да ја запалат салата, а огнот брзо се прошири на огромна површина од речиси 13.000 квадратни метри, по што се урнал кровот на зградата.
„Пронајдени и приведени се сите четворица непосредни извршители на терористичкиот напад, сите кои пукаа и убиваа луѓе. Тие се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според првичните информации им бил подготвен прозорец за преминување на државната граница од Украинската страна. Приведени се вкупно 11 лица“, информираше претседателот на Русија, Владимир Путин.
Откажани се сите јавни настани во Москва за време на викендот, а формирана е и работна група задолжена за терористички напад.
Кремљ објави дека директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников го информирал рускиот претседател Владимир Путин дека се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворицата терористи кои директно учествувале во терористичкиот напад во Москва.