Eshat Fırat
02 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
КУДС (АА) - Администрацијата на исламски фондации на Кудс информираше дека во 2017 година околу 26.000 евреи-фанатици извршиле упад врз комплексот Ал Акса. Притоа, се истакнува дека бројот на упади извршени минатата година, споредено со претходните години, го достигнал врвот.
Шејхот Азам ел-Хатиб, претседател на Администрацијата на исламски фондации на Кудс, која потпаѓа под Министерството за исламски прашања и фондации на Јордан, даде писмено соопштение во кое вели: „Заедно со дозволите кои ги издадоа израелските власти, во 2017 година 25.630 евреи-фанатици извршија упад во комплексот Ал Акса и го прекршија почитувањето кон Харем-и Шериф”.
Хатиб посочи дека во 2017 година е достигнат врвот во бројот на упади во комплексот Ал Акса, истакнувајќи дека благодарение на поддршката што ја дава израелската влада, зголемен е бројот на евреи-фанатици кои им се приклучуваат на еврејските рабини во упадите во комплексот.
- „Го предупредуваме Израел” -
Шејхот Хатиб во своето писмено обраќање упати предупредување до Израел, кој се обидува да го смени статусот на комплексот Ал Акса. „Го предупредуваме Израел да не се обидува да го смени статусот на комплексот Ал Акса во Кудс, кој од 1967 година наваму продолжува да делува под покровителство на неговото височество, кралот Абдула II ибн ел-Хусеин и ѝ припаѓа само на муслиманската популација”, наведува шехот Хатиб.
Во 2016 година, под полициска заштита, 14.806 евреи-фанатици упаднале во комплексот Ал Акса со што извршиле непочитување кон Харем-и Шериф.
Израелското раководство од 2003 година под полициска заштита ги внесува еврејските доселеници во комплексот Ал Акса и одвреме навреме воведува возрасни граници за влез на муслиманите во комплексот. Голем број радикални израелски организации и политичари веруваат дека комплексот е изграден врз еврејски храм кој на двапати бил уриван и бараат Харем-и Шериф да биде отворен и за нивните верски обреди.
Комплексот Ал Акса е сместен во Источен Кудс (Ерусалим) и се наоѓа под окупација на Израел. Овој комплекс претставува прво молитвено место на муслиманите. Евреите веруваат дека под комплекстот Ал Акса се наоѓаат остатоци од Соломоновиот храм, и врз основа на тоа тврдење прават ископувања во двориштето на комплексот.