Hakan Ceyhan Aydoğan
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Премиерот на Турција Бинали Јилдирим, изјави дека започнува нова ера во турско-руските односи и тоа било потврдено на средбите со претседателот на Русија, Владимир Путин и премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Јидирим за време на својата официјална посета на Москва даде интервју за руската новинска агенција Интерфакс, во кое зборува за кризата во Сирија, турско-руските односи и Шангајската организација за соработка.
Јилдирим истакна дека Турција им придава големо значење на односите со Русија: „Можеме да кажеме дека започна нова ера во односите меѓу двете земји. Тоа се потврди и на средбите со претседателот Путин и премиерот Медведев“.
Турскиот премиер истакна дека во разговорите со Путин и Медведев станало збор и за ситуацијата во Сирија. „Ситуацијата во Сирија има три основни компоненти. Првата е во врска со крвопролевањето кое продолжува во Алепо. Втората е отстранувањето на терористичките активности кои се случуваат во јужниот дел на турската граница и третата е спречување на акивностите кои организациите ЈПГ/ПКК во тоа подрачје ги спроведуваат против Турција“, рече премиерот Јилдирим.
Премиерот на Турција Јилдирим во врска со операцијата Штитот на Еуфрат рече: „Операцијата Штитот на Еуфрат нема никаква поврзаност со случувањата во Алепо и обидот за промена на режимот во Сирија. Операцијата има една единствена цел, а тоа е неутрализирање на сите терористички организации во подрачјето, првенствено ДЕАШ“.
- „Судбината на народот во Сирија е поважна од судбината на Асад“ -
На прашањето: „Дали разговарале со Москва по прашањето за иднината на Асад?“, премиерот Јилдирим одговори: „Првенствено е потребно да се разгледа дали тука е поважна судбината на Асад или е поважна судбината на државата. Несомнено е дека судбината на сирискиот народ е поважна од судбината на едно лице, т.е судбината на Башар ал-Асад“.
Премиерот Јидирим рече дека со Сирија раководи режимот на Асад, но откако сè ќе биде спроведено, ќе треба и тоа да се промени.
„Повеќе од 600.000 невини луѓе ги загубија своите животи. Покрај тоа, 9 - 10 милиони луѓе беа приморани да ги напуштат своите огништа. Од нив околу 3 милиони се згрижени во Турција. Турција и Сирија имаат заедничка граница во должина од 911 километри. Турција е земја која е најзасегната од настаните во Сирија. Се подразбира дека нас пред сѐ не интересира иднината на Сирија. По прашањето за иднината на Сирија, во контакти сме со Русија, Иран и останатите регионални земји. Верувам дека во блиско време ќе успееме да се договориме по ова прашање“.
- „Турција не ја сака промена на националното и територијално единство во Сирија“ -
Премиерот Јилдирим, на прашањето дали е можна една федерална структура во Сирија, одговори:
„Ние, уште од самиот почеток, со сета искреност стоиме зад првата наша изјава по ова прашање. Потребно е да се заштити територијалниот интегритет на Сирија, Сирија е само на Сиријците и таква требада остане. На тие простори и претходно живееја различни етнички групи, потребно е на ист начин тие да продолжат да живеат и во иднина. Турција не ја сака промена на националното и територијално единство во Сирија“, рече турскиот премиер Јилдирим.
- „Важно e Русија да изврши притисок врз раководството во Сирија за прекин на огнот“ -
Премиерот Јилдирим на прашањето „Дали е вистина дека Турција обезбеди платформа за средба на Русија со претставниците на сириската опозиција“, одговори: „Правиме сè што можеме за да се овозможи контакт меѓу Русија и претставниците на опозицијата. Постигнат е успех по тоа прашање. Доколку постигнатото усогласување се спроведе во договор, тоа ќе биде во корист за секого. Сега е време за добивање на резултати“.
На прашањето, на што се однесува договорот, премиерот Јилдирим одговори: „Наша заедничка цел е да ги спасиме луѓето кои умираат. Ништо не може да биде подрагоцено од човечкиот живот. Доколку можеме да го сопреме крвопролевањето, доколку постои таква можност, подготвени сме да направиме сѐ за да се спроведе тоа. Тука е важно Русија да изврши притисок врз раководството во Сирија за прекин на огнот“.
- Турско-руските односи -
Премиерот Јилдирим, рече дека по немилиот настан со Русија се договориле за надомест на загубеното.
Меѓу Турција и Русија има големи енергетски проекти. Премиерот Јилдирим истакна дека е потребно нивно забрзување: „Поктрај тоа, додадени се и темите за вселената програма и одбранбената индустрија. Во тие рамки ќе бидат подготвени и нови проекти“, рече турскиот премиер.
Зборувајќи околу прашањето за турскиот интерес околу рускиот одбранбен систем, премиерот Јилдирим истакна: „Ние на средбите не разговаравме за одделни проекти. Темите ги разгледувавме општо. И двете страни сметаат дека е потребен развој на односите. Тоа не е во мој домен. Тоа ќе го разгледуваат експертите. Јас можам да кажам дека постигнавме одредени договори во врска со вселенската програма и одбранбената индустрија“.
- Шангајска организација за соработка -
Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, на прашањето: „Кога Турција ќе аплицира за членство во Шангајската организација за соработка?“, одговори со зборовите: „Ние сме партнер за дијалог со Шангајската организација за соработка. Продолжува работата во врска со проширувањето на Шангајска организација за соработка, но следното е отворено и јасно - развојот на односите со Шангајската организација за соработка не е алтернатива на нашето членство во останатите унии. Турција е членка на други организации кои наликуваат на Шангајската организација за соработка“.