Kristina Maslareviç
10 Август 2016•Ажурирај: 11 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) - Шефот на пратеничката група на Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ), Балинт Пастор, за новинарите во српскиот Парламент изјави дека партијата ќе ја поддржи новата влада, која ја предложи мандатарот Александар Вучиќ, и дека ќе биде дел од неа на ниво на државни секретари, јавува Anadolu Agency (AA).
„Утре ќе го потпишеме договорот за коалиција со Српската напредна странка, кој ќе се однесува на заедничките програмски определби, како што направивме пред две години“, рече Пастор.
Тој додаде дека документот ќе биде објавен во јавност и дека секој ќе биде во можност во наредните години да види што е исполнето од договорот.
„Имавме добра соработка и во претходниот мандат. Јас во собраниската дебата наведов неколку конкретни достигнувања и очекуваме дека во иднина нашата соработка ќе даде резултати, пред сѐ, во остварувањето на правата на националните малцинства, во инфраструктурни проекти, прашања поврзани со земјоделството“, додаде Пастор.
Како што наведе тој, некои проекти по многу години повторно се отворени и финансирани од претходната влада, а тука првенствено се мисли на обиколницата околу Суботица и на зградата на Народниот театар во Суботица.
„Има голем број теми во сите сфери на општествениот живот во коишто треба во наредниот период да се постигнат резултати, и врз основа на досегашната соработка, можеме да бидеме оптимисти. Она што е ново, можеби не е мое да кажам, но бидејќи имаме заедничка парламентарна група и Партијата на албанското малцинство ќе го поддржи изборот на новата Влада, што се случува за првпат од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија", изјави Пастор.
Пратениците од српското Собрание на денешната седница расправаат за експозето на мандатарот Александар Вучиќ. По расправата се очекува да гласаат за избор на Владата.