БЕЛГРАД (АА) - По состанокот со унгарскиот премиер Виктор Орбан, премиерот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денес била договорена стратегија за иднината во однос на прашањето за мигрантската криза и дека добро ја разбрал пораката на Орбан, „кој е оптимист по природа“, а тој два или трипати рекол дека за првпат не е оптимист во врска со ситуацијата во Европа и во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние мораме да се подготвиме и за есента и за зимата, бидејќи и денес на територијата на Србија имаме над 5.000 мигранти, и треба да видиме што да направиме и како да го направиме тоа. Подготвени сме да формираме тимови што ќе работат на стратегијата и на подготовката за она што нѐ чека во иднина“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија и Унгарија немаат секогаш, а и денес сѐ уште немаат ист пристап, но тие се благодарни едни на други затоа што и покрај тоа, успеаја најдобро да ги зачуваат српско-унгарските односи и дека сака да соработува со Унгарија во зачувувањето на граничните премини, кога станува збор за илегалната имиграција.
„Сега имаме повеќе проблеми од Унгарија. Сакав како Влада секогаш да покажеме солидарност и хуманост кон овие лица, сакам тоа да го покажеме и во иднина, но не можеме да ги прифатиме илегалните мигранти. Денес, од оние што ја поминуваат границата, 81 процент се од Авганистан и се претежно економски емигранти, и тоа се луѓе што за првпат почнаа да ни прават проблеми“, рече Вучиќ, и додаде дека поради тоа Србија има трошоци.
Премиерот Орбан истакна дека тој „не може да се скрие во песок, и дека не може да биде исклучено дека миграцискиот бран во Србија и на Балканот и во следниот период ќе остане консолидиран“, и потсети дека тоа минатата година не се одвивало така.
„Штом беше спречено минувањето на мигрантите по морски пат, минатата година, имаше зголемување на бројот на Балканот. Гледајќи го тоа, и колку е лабав договорот меѓу Германија и Турција, ние не можеме воопшто да ја исклучиме можноста дека повторно ќе се соочиме со ситуација од минатата година. Сакаме да ги зачуваме резултатите што ги постигнавме во Унгарија минатата година, и затоа не можеме да дозволиме да се крши законот, меѓу другото, и тоа по нелегален пат да се доаѓа на територијата на земјата, и ние тоа со сите сили ќе го спречиме“, рече Орбан.
Тој додаде дека му понудил соработка на премиерот Вучиќ против нелегалното влегување во Србија и рече дека во оваа борба се подготвени да помогнат, бидејќи е од интерес за Унгарија никој да не може илегално да влезе во Србија, бидејќи на тој начин се зголемува безбедноста на Унгарија.
„Се договоривме и за отворањето на граничните премини, затоа што не сакаме нашиот нормален живот да биде загрозен од миграцискиот бран. Нашата цел е да се спречи нелегалното преминување на границата“, рече Орбан, и додаде:
„За сите нас е од интерес сегашната ситуација да не се влоши. Нема да зборувам долго за последиците од миграцијата, но тие ќе бидат големи за нашите животи и за животите на нашите деца. Унгарија го задржува правото да не се менува, ние не сакаме да се менуваме. Ние сакаме Унгарија да остане Унгарија и во однос на својот етнички состав и во религиозна смисла“.
Зборувајќи за економската соработка меѓу двете земји, Вучиќ и Орбан истакнаа дека соработката треба да се прошири во централна Србија, за разлика од сега, кога најмногу унгарски инвестиции има во автономната покраина Војводина, каде што најголем број Унгарци живеат во Србија.
Вучиќ ја најави и денес договорената заедничка седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во Србија, во нејзиниот централен дел, наесен оваа година, и дека е договорено да се унапредат односите во сите области, особено во економијата.
„Нашата трговска размена се зголемува и во првите шест месеци од оваа година, благодарение на големиот број унгарски компании коишто повторно извезуваат; унгарско-српскиот извоз за шест месеци се зголеми за 12,7 отсто во однос на претходната година. Нашата политичка билатерална соработка е сѐ подобра“, рече Вучиќ.
Виктор Орбан истакна дека Унгарија ги следи економските движења во Србија и дека се запознаени со тешкотиите, но знаат, со оглед на тоа што во Унгарија имаше проблеми во 2010 година, како изгледа и кој е патот што треба да се помине за економијата да биде сѐ посилна и посилна.
„Кога зборуваме за инвестиции, ние не мислиме дека треба нешто да помагаме, туку размислуваме за партнерство затоа што оваа држава бара партнерство, а Унгарија е во соседството и е еден од потенцијалните партнери“, рече Орбан, додавајќи дека за Србија е корисно да избере унгарски партнери и ги покани инвеститорите од Србија да инвестираат во Унгарија.
Премиерот Орбан ја потврди поддршката на Србија на нејзиниот европски пат и рече дека е против сите обиди да се отежне и да се спречи пристапот на Србија во ЕУ.