СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истовремено и претседател на СДСМ, најголемата политичка партија во владината коалиција, се сретна со Христијан Мицкоски, претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, јавува Анадолу.
Главна тема на состанокот беше потребата за изгласување на уставните измени за да се продолжи со евроинтегративниот пат на земјата.
Според одобрената преговарачка рамка, Северна Македонија мора да усвои уставни измени за интеграција во Европската Унија (ЕУ), според кои неколку малцинства, вклучително и бугарското малцинство, мора да бидат вклучени во Уставот.
Со одобрувањето на преговарачката рамка во јули минатата година, на Северна Македонија ѝ беше отворена вратата за полноправно членство во ЕУ, бидејќи тоа претходно беше спречено од Бугарија, земја членка на ЕУ.
Власта досега не успеа да го обезбеди потребното 2/3 мнозинство, односно 80 од вкупно 120 гласови, бидејќи парламентарната опозиција се спротивставува на уставните измени.
- Премиерот со предлог: Гласање за уставни измени, па предвремени избори -
Во изјавата по завршување на состанокот, премиерот Ковачевски ја истакна важноста на средбата, додавајќи дека пред политичарите е одлука со која ќе се интегрира државата во ЕУ или ќе остане изолирана.
Ковачевски нагласи дека изгласувањето на уставните измени е глас за европската иднина на државата.
Според него, клучна порака е дека „ВМРО – ДПМНЕ не е против уставни измени во државата.“
Ковачевски изрази подготвеност доколку опозицијата ги изгласа уставните измени, веднаш да се оди на предвремени избори, па дури и да отстапи владини ресори за опозицијата.
„За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе, и дека не сме водени од свои партиски интерес, и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на уставот со 2/3 при што би гласале сите пратеници во Собранието кои што го поддржуваат европскиот пат на државата и кои се определени за европска интеграција, и веднаш утредента ВМРО–ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО–ДПМНЕ. На тој начин ќе обезбедиме Влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои што се за европска интеграција, а денес слушнавме дека тоа веќе не е проблем за ВМРО –ДПМНЕ“, рече Ковачевски.
Освен тоа, според предлогот на премиерот, уставните измени би имале одредба со која што важат во моментот на одржување на втората Меѓувладина конференција.
Ковачевски исто така најави дека „една голема европска држава“ наскоро ќе донесе резолуција за признавање на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската култура.
„Тука сакам да споделам уште нешто, а тоа е дека една голема европска земја, една од најголемите, членка на ЕУ, во текот на наредните недели ќе донесе резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската култура кои сметаат дека ќе го збогати европскиот идентитет и тоа ќе биде направено од страна на нивниот Парламент како врвно законодавно тело во оваа држава, која што е една од најголемите држави во ЕУ“, рече Ковачевкси.
- Лидерот на опозицијата: ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада без учество на ДУИ -
Христијан Мицкоски, претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во изјавата за медиумите го поздрави одржувањето на лидерската средба, истакнувајќи дека досега немало никаков вид комуникација со власта.
Тој го реафирмира ставот дека „уставни измени под бугарски диктат, на ваков начин, под овие околности, ние нема да подржиме“, реферирајќи на 44-те пратеници од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, тој изрази подготвеност за компромис и вклучување во поширока владина коалиција, доколку Демократската Унија за интеграција, еден од коалиционите партнери во власта, не биде дел од таа евентуална Влада.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии но без учество во истата влада на Демократската Унија за интеграција (ДУИ). ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата, со тоа што избори подготвува техничка влада, а не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори, а евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на Европската Унија од парламентите на 27-те земји членки“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека власта „во овој момент“ нема 2/3 мнозинство, додавајќи дека доколку не се изнајде решение, треба да има предвремени парламентарни избори.
„Ценам дека лидерската средба ги покажа јасно позициите, дека во овој момент нема 2/3 мнозинство во Парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин на релаксирање на општеството е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.
- ДУИ: Подготвени сме да поддржиме Влада без ДУИ, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени -
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истовремено портпарол на Демократската Унија за интеграција (ДУИ), на социјалните мрежи го искажа ставот на неговата партија во врска со ова прашање.
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа Влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!Ќ, напиша Османи.
Во меѓувреме, Ковачевски и Мицкоски искажаа подготвеност да продолжат со политичкиот дијалог и притоа не ја исклучија можноста од одржување на нова лидерска средба.
news_share_descriptionsubscription_contact
