СКОПЈЕ
- АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Република Северна Македонија одбележува 29 години независност, како држава членка на НАТО и како држава што е во исчекување да ги отвори првите поглавја од преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), откако беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, пишува Агенција Анадолија (АА).
Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија настана како резултат на низа политички немири и судири во почетокот на деведесеттите години од 20 век.
Откако поранешната држава СФР Југославија се распадна, се формираа самостојни држави, меѓу кои и тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија, која одбележува 29 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се одржа на 8 септември 1991 година, а на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првиот повеќепартиски македонски Парламент. Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година.
По прогласувањето на независноста, меѓу првите држави што ја признаа државноста на Македонија беа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.
По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија, на 27 јануари 1991 година.
Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација.
Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во Обединетите нации беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија (БЈРМ/FYROM).
Низ текот на годините преговорите за решавање на проблемот за името со Грција одвреме-навреме продолжуваа и престануваа, а се обновија по промената на власта во земјава, кога во 2017 година на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), предводен од актуелниот премиер Зоран Заев. Преговорите помеѓу Скопје и Атина се актуализираа по првата средба на премиерот Заев со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, за време на Самитот во Давос во јануари 2018 година.
По одржувањето на преговорите за решавање на спорот за името, што се водеа под покровителство на Обединетите нации (ОН), беше постигнат Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името и стратешко партнерство). Договорот беше потпишан во месец јуни 2018 година на грчката страна од Преспанското Езеро.
Според Договорот, Македонија го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, а по потпишувањето на Договорот следуваа чекорите за неговото спроведување, како што се одржувањето референдум во Северна Македонија, што се одржа во септември 2018 година. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“.
На референдумот, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), излегоа 36,91 отсто од вкупниот број гласачи, со што не беше постигнат потребниот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи. Од гласачите што излегоа на референдумот, 91,46 отсто гласаа „за“. Потоа, во Собранието со двотретинско мнозинство беа изгласани уставните измени, со цел промена на уставното име.
Исто така, Договорот беше ратификуван и во Парламентот на Грција, а потоа следуваа и наредните фази предвидени од Договорот и унапредувањето на односите на овие две соседни земји, кои со Преспанскиот договор го решија повеќедеценискиот спор и отвореното прашање кое беше бариера за евроатлантските интеграции на земјата.
Членството во најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, во изминатите години е стратешка цел на земјата. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.
Откако стана кандидат за членство во НАТО, земјата најблиску до влезот во оваа Алијанса беше на Самитот што се одржа пред 12 години во Букурешт. Тогаш, во 2008 година, беше оценето дека Македонија е целосно подготвена да ја добие поканата, но Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавање на деценискиот спор за името, што беше најголемата пречка во процесот на зачленување.
По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на земјата за напредок на евроатлантскиот пат.
Во јули 2018 година, Македонија доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.
Земјите членки на НАТО во февруари минатата година го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а потоа Протоколот за пристапување го ратификуваа парламентите на сите членки на Алијансата, со што земјата на 27 март годинава и официјално стана 30. членка на Алијансата.
Решавањето на отворените прашања со соседите беа клучните точки на кои работеше Владата во изминатите години, со цел отворање на перспективите во поглед на интеграциите во НАТО и ЕУ. Освен Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и нејзиниот источен сосед, Бугарија. Договорот има за цел да ја развие соработката меѓу двете соседни земји, како и да се дојде до усогласување за одредени прашања од историјата.
Исто така, и членството во ЕУ за Северна Македонија е врвен приоритет. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што ги регулира односите на земјата со Европската Унија, беше потпишана на 9 април 2001 година.
Во 2005 година земјата доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата.
Со долгогодишниот фокус на македонската надворешна политика кон членството во ЕУ како стратешка цел, а особено по склучувањето за Договорот за решавање на спорот за името со Грција, властите во Северна Македонија најавуваа дека земјата ќе добие одлука за почнување пристапни преговори за членство во ЕУ на самитот во октомври минатата година, но тоа не се случи.
Ваквата одлука на ЕУ наиде на разочарување кај политичките актери во Северна Македонија. Премиерот Зоран Заев ја окарактеризира како голема неправда одлуката за недобивање почеток на преговорите, истканувајќи дека Северна Македонија е „жртва на историска грешка на ЕУ“.
Оваа одлука на ЕУ, која беше резултат на немање консензус помеѓу земјите членки на Унијата и на особено изразеното противење на Франција, која се спротивставуваше на носењето одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, доведе до промена на методологијата за водење на пристапните преговори за членство во ЕУ. Потоа, само неколку месеци подоцна, односно во март месец оваа година, ЕУ ја објави својата официјална одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Сега останува Европската Унија да го одреди точниот датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија и за отворање на првите поглавја од преговорите.
Во меѓувреме, Северна Македонија на 30 август ја доби тринаесеттата Влада по ред од својата независност. Владата ја предводи премиерот Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на коалицијата „Можеме“, која освои најголем број гласови на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули оваа година. Дел од владината коалиција се и Демократската унија за интеграција (ДУИ), Беса и Демократската партија на Албанците, партии од албанскиот блок на политичката сцена во земјата.
Премиерот Заев во своето прво обраќање во јавноста упати порака дека Северна Македонија доби нова, ефикасна и одговорна Влада, што ќе работи во интерес на граѓаните и државата.
По тригодишниот интензивен фокус на отворените прашања на надворешнополитичкиот план, премиерот Заев вети целосна посветеност на економијата, подобар стандард и подобра перспектива на граѓаните, функционални институции, како и правен систем во кој граѓаните ќе веруваат.
По 29 години независност, Република Северна Македонија е активна членка на НАТО, со што го исполни едниот од двете стратешки цели, а останува да го изоди патот на интегрирањето во Европската Унија, што е втората стратешка цел на државата.
Сега, откако земјата доби нова Влада, останува да се соочи со предизвиците од кои меѓу најглавните се справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), целосна посветеност на економијата, градење функционални институции во кои граѓаните ќе имаат доверба, справување со масовното иселување од земјата посебно на младата популација, обезбедување подобар животен стандард, како и политичка и економска стабилност.
news_share_descriptionsubscription_contact
