политика

Министерот Димитров на 56-та Минхенска безбедносна конференција

„Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа...“

Husamedın Gına  | 14.02.2020 - Обновена : 15.02.2020
Министерот Димитров на 56-та Минхенска безбедносна конференција Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, на Минхенската безбедносна конференција имаше обраќање на панел-дискусијата „Градење општествена издржливост во европското соседство“, пренесува Агенција Анадолија (АА)

Според соопштението од Министерството за надворешни работи, Димитров, заедно со останатите учесници во панел-дискусијата - Маргаритис Схинас, потпретседател на ЕК задолжен за портфолиото „Промоција на европскиот начин на живот“, премиерот на Косово, Албин Курти, и Александра Томаниќ, извршна директорка на Европскиот фонд за Балканот, дискутираа за најзначајните аспекти од европските политики и нивното (не)присуство во земјите од Западниот Балкан.

Министерот Димитров во своето излагање, како што се истакнува во соопштението, се осврнал на потребата од инклузивност на „европската политика на издржливост“ во регионот кој е несомнено дел од Европа и кој за своето европеизирање во сите сегменти, со акцент на владеење на правото, борбата против корупцијата, економската конвергенција, оправдано очекува поголема инволвираност на ЕУ-политиките.

„Не постои друг начин Европа да ја задржи својата лидерска улога во регионот и да биде партнер на кого му се верува, освен преку интегрирањето на земјите кои не само што се веќе географски и културолошки дел од неа, туку и курсот на своето политичко дејствување го усмеруваат кон европскиот модел“, нагласи министерот Димитров.

Тој ќе биде дел и од тркалезната маса насловена „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на З. Балкан напред“, што се одржува денес попладне, а на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со Јоханес Хан, еврокомесар за буџет и администрација, со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, како и со министерот за надворешни работи на Малта, Бартоло Еварист.

Првиот ден од учеството на Минхенската безбедносна конференција се заокружува со работна вечера организирана од претседателот на Светскиот економски форум - Борге Бренде, каде што почесен гостин ќе биде американскиот државен секретар Мајк Помпео.

На денешното отворање на 56. Минхенска безбедносна конференција присуствуваше и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој, како што соопшти неговиот Кабинет, денес и в недела ќе има свое обраќање.

Пендаровски за време на учеството на Минхенската безбедносна конференција ќе оствари повеќе средби со дел од учесниците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.