Derya Gülnaz Özcan
12 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
АТИНА (АА) - Константинос Тасулас е избран за нов претседател во четвртиот круг од гласањето во грчкиот Парламент, известува Анадолу.
Грчкиот Парламент во четвртиот круг изгласа кој ќе ја замени претседателката Катерина Сакеларопулу, чиј мандат истекува во март.
Во гласањето учествуваа 276 пратеници од 300-члениот Парламент на Грција, а кандидати за претседател беа Костантинос Тасулас, кандидат од владејачката Нова демократија, Тасос Јаницис од главната опозициска партија Панхеленско социјалистичко движење (ПАСОК), Лука Кацели од Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА) и Костас Кирјаку од партијата Победа.
На гласањето во Парламентот Тасулас беше прв со 160 освоени гласа, втор е Јаницис со 34, Кацели трет со 29, а Кирјаку освои 14 гласа. На гласањето воздржани беа 39 пратеници.
Тасулас, кој во четвртиот круг го надмина потребниот минимум од 151 глас, е избран за нов претседател на Грција.
Со полагање заклетва во Парламентот Тасулас ќе ја преземе функцијата на 13 март, кога завршува мандатот на Сакеларопулу.
Во првите три круга од парламентарните избори ниту еден од кандидатите не успеа да го добие потребниот број гласови, па изборот отиде во четвртиот круг.
Тасулас, кој трипати беше избран за претседател на Парламентот пред да се кандидира за претседател на Грција, беше избран за претседател на грчкиот Парламент со највисока парламентарна поддршка досега.
По номинацијата за претседателски кандидат од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Тасулас беше принуден да поднесе оставка од функцијата претседател на Парламентот.
- Во Грција претседателот се избира со гласање во Парламентот -
Во Грција претседателот го избира Парламентот со мандат од пет години.
Едно лице може да биде претседател во Грција најмногу два мандата.
За кандидатот да биде избран за претседател на Грција, тој или таа треба да добие 200 гласа, што е најмалку две третини од вкупниот број пратеници. Доколку не се постигне овој процент на гласови, изборот се повторува во рок од пет дена.
Доколку во вториот круг од претседателските избори не се постигне потребната бројка од 200 пратеници, Парламентот третпат ќе излезе на гласање. Потребниот број гласови во третиот круг од изборите се намалува на 180. Доколку и во третиот круг не се постигне кворум, за претседател се избира кандидатот што во четвртиот круг ќе освои 151 глас.