Dejan Maksimoviç
05 Декември 2015•Ажурирај: 06 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Денес во Блеград заврши 22-от Министерски самит на Oрганизацијата за европска безбедност и соработка (OSCE). По третата пленарна седница донесени се низа важни одлуки, од кои Ивица Дачиќ, претседавачот со OSCE, посебно ја издвои онаа поврзана за борбата против тероризмот, наркотиците, насилниот екстремизам, како и за прашањата на младината и безбедноста. Исто така, за некои теми министрите на OSCE не можеа да се сложат, јавува Anadolu Agency (АА).
„Подолго траеше овој Самит отколку основањето на OSCE, се пошегува Дачиќ по завршувањето на 22-от Министерски самит на OSCE, кој изминативе два дена се одржа во Белград.
Шефот на српската дипломатија додаде дека е вложен голем напор, сепак, да се постигне консензус за одредени прашања.
„Реалниот живот е таков, во OSCE има многу разлики, поделби и несогласувања. Без оглед што толку долго се чекаше за консензус и тоа што за одредени прашања не се ни постигна, задоволни сме што донесовме многу важни одлуки. Тие се поврзани за борбата против тероризмот, наркотиците, насилниот екстремизам, како и за прашањата на младината и безбедноста“, рече Дачиќ и продолжи:
„Дијалогот воден на пленумот сите го оценија како многу квалитетен и сеопфатен. Разговорите поминаа во добра атмосфера и се виде конструктивниот дух. Зборувавме и со азиските партнери и постигната е широка согласност за соочување со мигрантската криза и во борбата против тероризмот. Важно е да оствариме подобра соработка како би биле поефикасни“.
При работата на Министерскиот самит на ОSCE изминативе два дена учествуваа над 1.000 претставници на официјални делегации, меѓу кои и 44 министри за надворешни работи.
Во Белград престојуваа претставници на 57 земји членки на OSCE и земјите партнери. Главни теми во текот на Самитот беа мигрантската криза, тероризмот, судирите во Украина, како и новонастанатото заладување на односите помеѓу Турција и Русија по соборувањето на авионот на турско-сириската граница.
Со ова случување Србија го заврши своето овогодинешно претседателствување со OSCE, а таа улога од 1-ви јануари следната година ќе ја преземе Германија и нејзинитот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер.
За Србија ова беше најголемо политичко случување од 1989 година и Самитот на неврзаните земји кој се одржа, исто така, во Белград. Трошоците за Министерскиот самит на OSCE изнесуваат околу 3 милиони евра и скоро во целост ги покри Србија. OSCE за овој самит обезбеди 500.000 евра.