Admir Fazlagic
27 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) утре попладне ќе ги врачи уверенијата за новите избрани пратеници, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на ДИК, уверенијата овој пат ќе им бидат врачени на овластените претставници на коалициите и политичките партии кои освоија пратенички места, а не како досега на новоизбраните пратеници.
Освен тоа, мандатите на сто и дваесет народни избираници ќе бидат верифицирани до почетокот на новата 2017 година. Собраниските служби се подготвуваат за одржувањето на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав, која не е исклучено да се одржи и во сабота на 31 декември. Утре, по врачувањето на уверенијата во ДИК, ќе биде соопштено кога 62-та нови и 58-те пратеници кои беа дел и од минатиот состав и официјално ќе седнат во своите столчиња во собраниска сала „Македонија“.
Според најавите, седницата ќе ја свика претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски, кој и ќе претседава со неа, според последните измени во Деловникот за работа на Парламентот.
Инаку, на овие четврти предвремени парламентарни избори во Република Македонија одржани на 11 декември оваа година, според прелиминарните резултати на ДИК Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, Коалицијата предводена од СДСМ освои 49 мандати, ДУИ 10 мандати, БЕСА освои 5 мандати, Коалицијата Алијанса на Албанците освои 3 мандати и ДПА освои 2 мандати.