политика

Во Скопје се одржа Европската конференција за медијација

На конференцијата учествуваа експерти медијатори од Холандија, Италија, Швајцарија, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Грција

Abdula Berisha  | 18.04.2019 - Обновена : 19.04.2019
Во Скопје се одржа Европската конференција за медијација

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска се одржа Европската конференција за медијација на која учествуваа експерти медијатори од повеќе земји, кои потпишаа Меморандум за соработка и разбирање, јавува Anadolu Agency (AA).

Конференцијата беше организирана од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Комората на медијатори и Амбасадата на Кралството Холандија, а на неа присуствуваа експерти медијатори од Холандија, Италија, Швајцарија, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Грција.

На отворањето на конференцијата, освен претседателот на Комората на медијатори, Славе Младеновски, на присутните им се обратија и министерката за правда на Република Северна Македонија, Рената Десковска, министерот без ресор, Зоран Шапуриќ, претседателката на ССК, Даниела Арсовска и амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Воутер Пломп.

Министерката Десковска истакна дека процесот на медијација овозможува брзо и ефикасно решавање на споровите.

„Развојот и поддршката на медијацијата е дел од стратегијата за реформи во правосудството, со поддршка која ќе значи промоција на медијацијата, но и секако, надминување на законските слабости коишто постоеја досега“, рече Десковска, додавајќи дека Владата има изготвено нов закон за медијација, којшто по завршувањето на изборите ќе биде во собраниска постапка.

Претседателот на Комората на медијација, Славе Младеновски, рече дека донесувањето на првиот Закон за медијација во 2006 година не ги дал очекуваните резултати, но истакна дека по основањето на Комората на медијација во 2017 година, се постигнале позитивни резултати.

„Оваа конференција, всушност покажува дека Комората на медијатори на Република Северна Македонија сериозно се зафати со развојот на медијацијата, бидејќи тоа е пред сѐ, во интерес на бизнисот“, рече Младеновски.

На конференцијата насловена „Со развојот на медијацијата расте бизнисот“, се одржаа повеќе панел-сесии на кои, освен експертите, присутни беа и претставници на институции и стопанственици.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.