Fatjon Cuka
08 Декември 2015•Ажурирај: 08 Декември 2015
ТИРАНА (АА) - Група демонстранти насобрани околу опозиционата Демократска партија на Албанија, која денес во Тирана ги организираше антивладините протести на кои бара распишување предвремени парламентарни избори и оставка на Владата на чело со актуелниот премиер Еди Рама, ја гаѓаше со јајца, камења, солзавец и други предмети, зградата на Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку илјади граѓани, поддржувајќи го собирот на најсилната опозициона партија во Албанија која ја предводи Лулзим Баша, се собраа денес на градскиот плоштад Скендербег од каде се упатија кон зградата на Владата за да изразат незадоволство од економската, политичката и општествената ситуација во земјата.
Откако на протестот се придружи лидерот на опозициската Демократска партија, Лулзим Баша и поранешниот албански премиер Сали Бериша, една група демонстранти започна да фрла со јајца, шишиња, камења, како и солзавец во правец на зградата на Владата, додека некои палеа транспаренти со ликот на албанскиот премиер Еди Рама. Еден од демонстрантите се обиде да влезе во зградата на Владата, во што го спречи полицијата.
Носејќи транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Премиер милијардер, Албанците во сиромаштија“, „Долу Еди Рама и 40-те крадци“, „Сакам леб за своите деца“, „Гори Албанија, а владата се чешла“, граѓаните бараа оставка на Владата на чело со претседателот на Социјалистичката партија на Албанија и актуелниот премиер Еди Рама, како и распишување на предвремени парламентарни избори.
На демонстрантите им се обратија пратениците на Демократската партија на Албанија, како и другите партии, а потоа одржа говор и лидерот на опозицијата Лулзим Баша.
Тој ова случување го оцени како „референдум кој би требало да значи отстранување на владата на Рама-Мета и создавање на техничка влада“.
„Граѓаните денес имаат два избора: или да ја срушат владата или да прифатат рушење на Албанија. Или да ја отстраниме криминалната тиранија или утре ќе биде многу доцна. Среден пат нема, нема ниту време ова да се трпи“, изјави Баша.
Според неговите зборови, ова е единствено решение „наметнато од корупциските афери и кражбата на оваа влада во износ од неколку стотини милиони евра“. Повика на граѓанска непослушност, која, како што рече, е единствен начин за распуштање на Владата.
Протестот го обезбедуваа голем број припадници на полицијата.
Актуелната влада на Албанија ја чини коалицијата од левичарски партии на чело на Социјалистичката партија, Еди Рама, и Социјалистичкото движење за интеграција чиј лидер е Илир Мета, која на парламентарните избори во јули 2013 година ја победи Демократската партија, предводена од долгогодишниот лидер Сали Бериша.