Fatjon Cuka
17 Декември 2015•Ажурирај: 17 Декември 2015
ТИРАНА (АА) - Во Тирана, пред зградата на Собранието на Албанија, каде моментално се одржува седница, започна протест во организација на опозиционата Демократска партија на Албанија, која бара распишување на предвремени парламентрни избори и оставка на Владата на чело со актуелниот премиер Еди Рама, јавува Anadolu Agency (AA).
Повеќе илјади демонстранти, поддржувајќи го собирот на најсилната опозициска парија во Албанија на чело со Лулзим Баша, гаѓаа со јајца и брашно во правец на полицијата, со што се обидоа да изразат незадоволство во врска со моменталната економска, политичка и социјална ситуација во земјата.
Истовремено, во Собранието на Албанија, моментално се одржува пленарна седница на која се расправа за предлог буџетот за 2016 година и фискалниот пакет.
Минатата недела во Тирана се одржа уште еден антивладин протест, кога демонстрантите ја гаѓаа зградата на Владата на Албанија со камења, јајца, шишиња и димни бомби, а потоа запалија симболичен бункер поставен пред Министреството за внатрешни работи на Албанија.
Откако на протестите им се придружи лидерот на опозициската Демократска партија Лулзим Баша и поранешниот албански премиер Сали Бериша, една група демонстранти запалија транспаренти со ликот на албанскиот премиер Еди Рама.
Тогаш лидерот на опозицијата Лулзим Баша порача дека граѓаните имаат два избора: или да ја срушат Владата или да го прифатат рушењето на Албанија.
По повод денешниот протест, неколку амбасади во Тирана, меѓу кои Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) и Амбасадата на Република Франција, упатија повик до своите граѓани кои живеат во албанскиот главен град, да избегнуваат движење во деловите на градот каде што се одржуваат протестите.
Ангажирани се околу 800 припадници на полицијата за обезбедување на редот и мирот.