Dzihat Aliju
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Пред осум години, на 17 јуни 2018 година, на брегот на Преспанското Езеро на територијата на Грција, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа, со кој беше решен долгогодишниот спор за името меѓу двете земји, јавува Анадолу.
До договорот дојде по повеќемесечни интензивни преговори меѓу Скопје и Атина, а документот го потпишаа тогашните шефови на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас.
На свечената манифестација за потпишување на договорот присуствуваа тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, тогашниот специјален претставник на генералниот секретар на ОН за спорот со името, Метју Нимиц, тогашните високи претставници на Европската Унија (ЕУ), високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
На 30 септември 2018 година, по повеќе од три месеци од потпишувањето на Договорот од Преспа, беше одржан консултативен референдум на кој граѓаните одговараа на прашањето за членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот со Грција.
Референдумското прашање беше: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), на референдумот излегле 36,91 проценти од вкупниот број гласачи, од кои 91,47 проценти гласале „за“. Тогашната опозиција го бојкотираше референдумот.
По осум месеци од потпишувањето и по неговата ратификација во Собранието на Северна Македонија и во грчкиот Парламент, Договорот од Преспа на 12 февруари 2019 година официјално стапи на сила.
Според ова, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија.
- Северна Македонија стана 30. членка на НАТО, ги започна преговорите за пристап во ЕУ -
Земјата стана 30. членка на НАТО во 2020 година, а иако спорот за името со години се сметаше за пречка за евроинтеграциите на државата, и по неговото решавање Договорот не го отвори целосно патот кон ЕУ.
По промената на името, Северна Македонија, заедно со западниот сосед Албанија, ги започна преговорите за пристап во ЕУ на 19 јули 2022 година.
Северна Македонија, која доби статус „земја кандидат“ уште во 2005 година, се очекува да го започне отворањето на поглавјата за членство во ЕУ откако ќе ги направи неопходните уставни измени што произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
За ова е потребно 2/3 мнозинство од 120-членото Собрание на Северна Македонија, односно за тоа да гласаат 80 пратеници.