Elena Teslova
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изрази надеж дека договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран ќе биде формализиран наредните денови, а истовремено ги коментираше и перспективите за ставање крај на конфликтите во Украина и Блискиот Исток, јавува Анадолу.
Лавров, на прес-конференцијата во Минск, изјави дека Москва се надева оти почетните договори меѓу САД, Иран и Пакистан наскоро ќе се преточат во официјално потпишан мировен договор.
„Се надеваме дека сѐ што е објавено денес и потврдено буквално пред еден час ќе се материјализира. Се надеваме дека овој договор, како што е наведено во Вашингтон, Техеран и Исламабад, ќе биде потпишан оваа недела“, рече тој.
Исто така, тој го пофали пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој дејствуваше како посредник во преговорите.
Запрашан дали се согласува со белорускиот претседател Александар Лукашенко дека конфликтите на Блискиот Исток и во Украина би можеле да се решат оваа година, Лавров рече дека секој конфликт може брзо да заврши доколку постои доволно политичка волја.
„Секој конфликт може брзо да се заврши“, рече тој, нагласувајќи дека претседателот Доналд Трамп постојано тврдел дека политичката волја е клучен фактор.
Сепак, Лавров предупреди дека околностите во реалниот свет често се посложени од предвидувањата.
Коментирајќи ја војната во Украина, Лавров ги обвини западните земји за неисполнување на обврските и тврдеше дека договорите постигнати во Енкориџ, Алјаска, меѓу рускиот и американскиот претседател, биле загрозени од Европската Унија и Велика Британија.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин јасно ставил до знаење дека под сегашни услови случувањата на бојното поле ги одредуваат руските сили.
Министерот, исто така, ги негираше сугестиите дека Белорусија би можела директно да се вклучи во војната во Украина.
Според Лавров, украинскиот претседател Владимир Зеленски во повеќе наврати тврдел дека Белорусија би можела да ја нападне Украина, обвинувања што Минск ги демантираше.
Лавров го повтори ставот на Русија дека Белорусија останува сојузник, но дека не учествува во војната.
„Белорусија е наш сојузник, но Белорусија не учествува во војната. Ако некој се обиде да ја вовлече во конфликтот, белорускиот претседател Александар Лукашенко веќе одговори: 'Тоа нема добро да заврши'“, рече тој.