Elena Trenchevska Chekovic
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес во Диселдорф оствари средба со министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, при што е потпишана Заедничка декларација за намери за соработка за периодот 2026–2030 година, пренесува Анадолу.
Со документот „се зајакнува нашето партнерство со Северна Рајна-Вестфалија, еден од најразвиените економски и индустриски региони во Германија“, истакна Муцунски преку објава на американската платформа на социјални мрежи Х.
Како што наведува Муцунски, двете страни ја потврдиле посветеноста за продлабочување на економските односи, унапредување на бизнис-соработката и создавање нови можности за инвестиции и раст.
Наедно, министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка што Северна Рајна-Вестфалија ја дава во процесот на европската интеграција на Северна Македонија.
Муцунски престојува во Диселдорф, главниот град на оваа германска сојузна покраина на покана на Лимински.