Saadet Gökce
14 Април 2026•Ажурирај: 14 Април 2026
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денес повика на почитување на суверенитетот, безбедноста и заштитата на луѓето и институциите на Блискиот Исток, во услови на тековните тензии меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, јавува Анадолу.
„Суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на земјите во регионот на Блискиот Исток и Персискиот Залив треба целосно да се почитуваат, а безбедноста на персоналот, објектите и институциите на сите земји треба ефикасно да се заштити“, изјави Си коментирајќи за регионот откако САД и Израел започнаа заеднички напади врз Иран на 28 февруари.
Си ги даде овие изјави за време на средбата со престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Калед бин Мухамед бин Зајед ал-Нахјан во Пекинг, пренесе државната новинска агенција „Синхуа“.
Си, во своите изјави пренесени од државните медиуми, не се осврна директно на војната на САД и Израел со Иран.
Тој се залага за градење „заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива“ регионална безбедносна рамка и предложи план од четири точки за промовирање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток.
Предложениот план става акцент на почитувањето на мирниот соживот, националниот суверенитет, меѓународното право, како и соработка на развојот и безбедноста.
Шеикот Калед во неделата пристигна во Кина во тридневна посета.
Посетата се реализира во време на регионална ескалација откако САД и Израел започнаа заеднички напади врз Иран на 28 февруари, меѓутоа, двете страни во моментов почитуваат двонеделен прекин на огнот, со посредство на Пакистан и поддршка на Кина, кој е на сила од 8 април.
Обемот на билатералната трговија меѓу Кина и ОАЕ достигна 76,9 милијарди долари во периодот од јануари до септември 2025 година, според податоците од веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.