Elena Trenchevska Chekovic
27 Мај 2026•Ажурирано: 27 Мај 2026
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши упатија честитки по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам до припадниците на исламска вероисповед со желби, да се помине во мир, радост и семејна благосостојба, јавува Анадолу.
Во честитката до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир еф. Фетаи, Сиљановска-Давкова посочи дека Курбан бајрам носи силна духовна порака во време на неизвесност, недоверба и отуѓеност во општеството.
Таа нагласи дека празникот, преку симболиката на дарување и пожртвуваност, потсетува на вредностите на човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другите, кои се клучни за моралната зрелост на заедницата.
„Во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството“, истакна Сиљановска-Давкова во честитката.
Порача дека само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите може да станат предност и мост кон единство наместо причина за поделби.
Претседателот на Собранието, Гаши, во својата честитка истакна дека Курбан Бајрам е празник на пожртвуваноста, хуманоста и блискоста меѓу луѓето, кој ги обновува вредностите на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит.
Порача дека празникот е потсетник за грижата кон другите, споделувањето добрина и поддршка, со желби до сите верници за здравје, благосостојба, душевен мир и среќа во семејствата.