Burak Bir,Dilara Hamit
13 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека нема да дозволат формирање на терористичка држава во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во турскиот главен град Анкара одржа состанок со претставниците на медиумите, на кој говореше за операцијата „Извор на мирот“, која започна од Турските вооружени сили (ТСК) заедно со Националната војска на Сирија, со цел оневозможување на формирањето терористички коридор близу јужната граница на Турција и обезбедување мир и спокојство во регионот, и дејствуваат против терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во северниот дел на Сирија.
Турскиот претседател рече дека целта на оваа операција не се Курдите.
„Јасно е дека нашата операција ги таргетира терористите, а не сирискиот народ и Курдите. Најголемата поддршка во оваа операција ја добиваме од сириските Курди“, рече Ердоган.
„Не дозволуваме и нема да дозволиме формирање на терористичка држава во северниот дел на Сирија“, додаде Ердоган.
Тој информираше дека во рамки на операцијата неутрализирани биле 490 терористи, од кои 440 се убиени, 26 се повредени и 24 се фатени.
„Терористите на ЈПГ/ПКК извршија 652 минофрлачки и ракетни напади во Шанлиурфа, Мардин, Ширнак и Газиантеп“, нагласи Ердоган, додавајќи дека 18 цивили, повеќето деца, загинале во нападите на ПКК, додека 147 лица биле повредени.
Турскиот претседател истакна дека во рамки на операцијата загинаа двајца турски војници и 16 припадници на Националната војска на Сирија.