Mustafa Keleş
14 Јуни 2016•Ажурирај: 15 Јуни 2016
ЊУЈОРК (АА) - Екипата на авионот кој лета на соларна енергија „Solar Impulse 2” (SI 2) во Њујорк ги објави последните подготовки пред прелетување на Атлантскиот Океан, пишува Anadolu Agency (AA).
Пилотите Андре Боршберг и Бертанд Пикард, на 5-ти март 2015 година тргнаа на пат околу светот од Абу Даби. Со својот проект сакаа да укажат на користењето на изворите на чиста енергија.
Тие и нивниот тим на аеродромот ЈФК во Њујорк се подготвуваат за голем потфат, прелетување над океанот, до кое останаа само уште неколку дена. Доколку временските услови го дозволат тоа, авионот ќе полета кон Европа. За време на подготовките, екипата ја посети и генералниот секретар на ОН, Бан Ки мун, кој истакна дека овој проект е многу важен чекор во борбата против климатските промени. Пилотот Андре Боршберг по посетата на генералниот секретар, за АА раскажа за патувањата и потешкотиите со кои тие се соочувале.
Како што кажа тој петтата етапа посебно бараше многу. Станува збор за пат од Јапонија до Хаваи кој траеше пет дена и пет ноќи.
„Кога работите 13 години на проект, мотивацијата е голема. Животот во пилотската кабина е нешто сосема друго. Ви треба храна, пијалок и сон. Забележавме дека 20 минути сон ни е доволно да се наполниме со енергија. Освен тоа, никогаш не го остававме авионот без надзор. За време на летот кој траеше пет дена и пет ноќи развив техники на медитација, хипноза и јога” , изјави Боршберг.
Тој истакна дека на почетокот на патувањето било тешко да се бориш со теренот и различните потешкотии кои одредените подрачја ти ги задаваат, но како што додаде, со време научиле да ги претворат во предност и научиле како да излезат на крај со нив.
„Имаше денови кога имавме многу проблеми. Кога тргнав на пат од Јапонија за Хаваите, важната опрема не работеше. Инжинерите ми рекоа дека морам да се вратам во Јапонија да ја поправам. Временските услови беа поволни и сакав да продолжам. Но, на екипата тоа не можев да ѝ го објаснам”, се присети Боршберг кој додаде дека некогаш емоциите биле посилни и дека членовите на екипата сакале да дадат отказ, па покрај проблемите со авионот морал да решава и проблеми од друг вид.
Пилотот Боршберг нагласи дека неговата сопруга и децата му биле голема поддршка во неговиот проект. Пилотот Бертранд Пикард изјави дека со користењето на соларната енергија може да помине поголем пат отколку со користење на фосилни горива. На прашањето дали еден ден авионите на соларна енергија ќе можат да превезуваат и патници, Пикард изјави дека е рано сè уште да се каже, но излишно би било да се каже дека нема.
„Денес немаме технологија која би ни го овозможила тоа, но браќата „Wright 1903” година немале технологија да направат авион кој би превезувал патници. Сепак, тоа се случи”, појасни Пикард.
Двата пилота досега во 14-та етапа поминаа 30.000 километри. Во воздух поминаа околу 400 часа. Авионот има просечна брзина од 45 километри на час, а во периодот кога сончевите зраци се најсилни брзината може да се дуплира.
Авионот е тежок 2,3 тони, а на распонот на крилјата од 72 метри се наоѓаат 17.248 ќелии. Благодарение на батериите од литиум може да лета и ноќе.
„SI 2” досега беше во Индија, Мјанмар, Кина, Јапонија, и во неколку сојузни американски држави.