Aysu Biçer
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Децата вакцинирани против хуман папилома вирус (ХПВ) на возраст од 12-13 години имаат „близу нула“ ризик од смрт од рак на грлото на матката пред 30-годишна возраст, покажува студија финансирана од „Cancer Research UK“ и предводена од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, јавува Анадолу.
Истражувачите велат дека вакцината против ХПВ помага значително да се намалат случаите на рак на грлото на матката и смртните случаи низ цела Англија, а раните податоци укажуваат дека околу 200 животи се спасени откако е воведена програмата.
Вакцината против ХПВ првпат беше понудена за девојчиња во 2008 година, а беше проширена и на момчиња во 2019 година. Рутински се администрира во 8 одделение, кога децата обично се на возраст од 12-13 години, а некои локални власти нудат и програми за нејзино примање и во 9 и 10 одделение (според образовниот систем во Велика Британија).
Студијата, објавена во медицинското списание „Лансет“, укажува дека немало смртни случаи од рак на грлото на матката кај жени на возраст од 20 до 24 години во Англија помеѓу 2020 и 2024 година, што е првпат да не се регистрираат смртни случаи во таа возрасна група.
Истражувачите проценуваат дека без вакцината би се очекувале околу 23 смртни случаи во таа возрасна група во истиот период.
Наодите, исто така, покажуваат намалување од 80% на смртните случаи од рак на грлото на матката кај жените на возраст од 20 до 24 години помеѓу 2015 и 2019 година.
Научниците велат дека се очекува бројот на спасени животи да се зголеми како што стареат вакцинираните возрасни групи и со проширување на вакцинацијата.
Вакцината против ХПВ штити од неколку состојби поврзани со вирусот, вклучително и рак на грлото на матката, генитални брадавици и некои видови рак на главата и вратот, меѓу кои и рак на устата и грлото.
Истражувачите велат дека раните ефекти од програмата за вакцинација укажува дека таа би можела да игра клучна улога во долгорочната елиминација на ракот на грлото на матката во Велика Британија.