Ekipa
11 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
СЕУЛ (АА) – „Самсунг електроникс“ соопшти дека го прекинува производството на паметниот телефон „Галакси ноут 7“, ден откако ја прекина глобалната продажба на овој модел, јавува Anadolu Agency (AA).
Јужнокорејската компанија во денешното соопштение наведува дека донела конечна одлука да го прекине производството на „Галакси ноут 7“ поради безбедноста на потрошувачите.
„Самсунг“ се бори да ја врати довербата на потрошувачите по првиот круг на повлекување на телефонот „Галакси ноут 7“. Компанијата престана да го продава споменатиот модел по заклучокот дека се запалиле неколку примероци, наводно сигурни верзии на телефонот чија продажба беше прекината.
Јужнокорејските медиуми вчера објавија дека „Самсунг“ го прекинал производството на телефоните коишто при полнењето на батеријата би можеле да се запалат, но од компанијата инсистираа дека е донесена одлука за приспособување со цел да се подобри инспекцијата и контролата на квалитетот.