Amina Zorniç
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) – Сто и пет години по потонувањето на Титаник, научниците тврдат дека постојат јасни докази оти најпознатиот прекуокеански брод во човековата историја не потонал поради судир со санта мраз, пренесува Anadolu Agency (AA).
На 10 април 1912 година, Титаник тргна на своето прво прекуокеанско патување од пристаништето Саутемптон кон Њујорк. Капетанот Едвард Џон Смит тогаш намерно тргна по пократок пат, посеверно од пропишаното, и со тоа ја занемари опасноста од судир со санта мраз.
Само четири дена подоцна, Титаник се судри со санта мраз, а оштетениот труп се преполови и потона два часа подоцна. Потонувањето на Титаник пред 105 години се смета за најголемата бродска несреќа во модерната историја.
Теоријата дека Титаник не потонал поради судирот со санта мраз се појави во најновиот документарец насловен „Титаник: Нови докази“, кој го објави британски јавен радиодифузен сервис „Канал 4“.
Научниците што работеа на документарецот се повикаа на британскиот новинар Сенан Молони, кој повеќе од 30 години ги проучува сите познати фотографии на Титаник, вклучувајќи ги и оние продадени на аукциите.
Молони претходно пишуваше дека на фотографиите од славниот брод е видливо оштетување во вид на црни дамки во близина на местото каде што бродот наводно удрил во сантата мраз. Фотографиите биле направени пред Титаник да го напушти бродоградилиштето во Белфаст.
Молони тврди дека Титаник имал оштетување уште пред да заплови во морето. Научниците потврдија дека оштетувањата на бродот биле предизвикани од пожар во една од приземните соби во кои била сместена котларницата.
Токму поради тоа оштетување што настанало три недели пред запловувањето на бродот, како што велат научниците, челикот на Титаник ослабел пред да удри во сантата мраз.
Најновата теорија за причината на потонувањето на Титаник ја пренесоа голем број светски медиуми.
Од 2.224 патници и членови на екипажот кои биле на Титник, несреќата во ладните води на Атлатикот ја преживеаја 710 лица, а пак повеќе од 1.500 се удавија.
Остатоците од потонатиот брод Титаник ги пронајде морепловецот Роберт Балард во 1985 година, на дното на Атлантскиот Океан, на 645 километри од островот Њуфаундленд.
Во периодот од 1987 до 2004 година, нуркачките тимови од остатоците од бродот извлекоа голем број предмети кои денес на светските аукции достигнуваат баснословни суми.